Македонија
12. July 2017 - 20:50

Заев: Добрососедските односи и евроинтеграцијата не се политичко прашање, туку неопходност

Новата Влада на Република Македонија е силно определена за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан и смета дека има голема потреба од формирање рамка за постигнување на таа цел, за реформи и за фокусиран забрзан реформски напредок, истакна македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето на состанокот на шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан во Трст.

Тоа, според него, ја трасира евроинтеграцијата на регионот, а усогласувањето со стандардите на ЕУ значи и достигнување квалитет на живот во државите од регионот, што ќе ги направи спокојни, сигурни, среќни и безбедни нивните граѓани.

- Знам дека граѓаните на Македонија се изморени од долгогодишната стагнанција. Но, сакам да го споделам и оптимизмот во нашата држава, што го заменува тој замор. Тој оптимизам е резултат на видиците што ги отворија демократските промени во Македонија, но и подадената рака од Брисел и меѓународната заедница, кои што тоа го препозна и ги отворија вратите за Република Македонија. Тоа се врати на перспективи за граѓаните на Македонија, на верба и на надеж дека ова е моментот што не смее да се испушти. Ова е шансата за напредок. И ние тоа го имаме предвид, рече Заев.

Посочи дека постои политичка волја кај македонската Влада да ја поддржи и прифати Aгендата за поврзаност на регионот, која што значи шанси за напредок на Македонија и на Западен Балкан. 

- Поврзувањето не е само политичко прашање. Добрососедските односи не се само прашање на политичка култура. Тие се неопходност. Тие се мостови кон Европа и светот. Тие значат и конкретни придобивки во квалитетот на живот на нашите граѓани.  Кон тоа придонесува добрата инфраструктурна поврзаност, којашто носи можности за економски развој на државите. Затоа го поздравувам денешното потпишување на Договорот за транспортна заедница, што ќе го олесни поврзувањето меѓу државите од регионот според законодавство на ЕУ, рече македонскиот премиер.

Железничното поврзување со Бугарија, според Заев, е пример колку Македонија сериозно гледа на Агендата за поврзување во регионот. Посочи на одлуката на меѓународниот партнер ЕБОР, за изградбата на железничката пруга Куманово - Деве Баир, како дел од Коридорот 8, на барање на Македонија. 

Владата на Македонија, вели Заев, е посветена и на реформите во енергетскиот сектор, со цел да го исполни својот дел од обврските од Договорот за основање енергетска заедница за Југоисточна Европа. компаниите. 

Тој нагласи и дека Владата е определна да продолжи да ја гради Македонија преки владеење на правото и доброто управување како основа на секоја демократска држава, што е важно за остварување на стратешката цел - членство во Европската унија. 

- Длабоката и долгогодишна политичка криза, предизвикана токму од непочитувањето на овие базични обврски, ни покажа дека тоа е и потреба за граѓаните кои имаат уставно право на правда и почитување на нивните слободи и права. Секој да е еднаков пред законот. Секој да се чувствува заштитен. Затоа реформите во правосудството се меѓу итните реформски приоритети во Планот 3-6-9 што го усвои Владата. Си зацртавме амбициозни краткорочни, среднорочни и долгорочни цели, за следните 3, 6 и 9 месеци. На есен да добиеме чиста препорака од Европската комисија за преговори со ЕУ, а потоа да отвориме пат за дискусии меѓу земјите членки и за датум за почеток на пристапните преговори. Ве уверувам, Македонија може да биде и ќе биде кредибилен партнер на ЕУ во регионот, а тоа ќе испрати и нова мотивирачка порака за целиот Западен Балкан, затоа следете нè и поддржувајте нè. Потребна ни е вашата помош и поддршка, повика Заев.

Интеграциите, додаде македонскиот премиер, отвораат пат за регионална економска област што ќе донесе олеснувања и во трговските односи, инвестициите, мобилност, дигитална интеграција, одржлив економски развој и економска стабилност за граѓаните. 

Во контекст на безбедносните прашања, Заев истакна дека Македонија останува цврст партнер во справувањето со предизвиците во борбата против тероризмот, илегалната миграцијата, радикализацијата.

Република Македонија се гледа себе си како дел од големото семејство на народи и држави. Граѓаните на Македонија го препознаа и го избраа вистинскиот пат, патот на демократските промени и во име  на граѓаните на Македонија сакам да порачам, ќе соработуваме и ќе придонесуваме кон регионалниот и европски развој, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на состанокот на шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан во Трст.