Бизнис
17. May 2021 - 16:38

Заев: Целта на продажбата на државното земјоделско земјиште е за поголем профит на ситните земјоделци

Премиерот Заев тврди дека нема да се дозволи земјиштето да се урбанизира и на него да се гради, не може ниту да се препродава во одреден период. Сепак, во предлог законот стои дека по 10 години од денот на склучување на договорот за продажба може да биде пренаменето, дури и во градежно земјиште. Според Заев, законот е наменет да им помогне на земјоделците да го окрупнат земјиштето и со тоа да имаат пристап до кредити за да го зголемат производството и да бидат поконкурентни на пазарот.

 „Не постои инвеститор, не постои никаква можност за дополнителен развој без сопственоста на земјиштето. Земјиштето нема да го носи никој ниту во Австралија, ниту во Америка, ниту по Европа. Тоа е тука и тука останува. Ако сакаме да растеме во БДП во делот на змејоделското производство, ако сакаме да растеме во зголемување на продуктивноста во земјоделското производство, а да инвестираат сите оние кои работат на македонските ниви, дополнително на механизација, на рационализација на трошоците и секако во максимизација на конкурентноста на македонските производи, неопходно е земјоделското земјиште да биде дадено во сопственост на сите инвеститори”, вели премиерот Зоран Заев.

Министерот за земјоделство вели дека земјиштето најпрво ќе им се понуди на тие кои веќе го користат под закуп.

Предложениот закон не наиде на одобрување ниту од фармерите, ниту од опозицијата. Од Националната федерација на фармери стравуваат дека ако се распродаде, земјиштето ќе се пренамени во градежно. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека продажбата на земјиште за едно евро од квадрат ќе биде од корист само за олигарсите, а не на народот и државата.

Инаку, според предлог законот, странци ќе може да купат земјоделско земјиште само ако се работи за стратешка инвестиција од над 30 милиони евра.

Во земјава има околу 9.000 земјоделски површини кои се обработуваат под закуп, а има над 11 илјади хектари слободни површини.