Македонија
26. March 2024 - 16:49

Зачестуваат предизборните коалиции и прегрупирања

СДСМ на претстојните избори добива поддршка и од Движењето Нова Република. Ковачевски и Величковски потпишаа меморандум за соработка во чиј фокус е европската иднина на државата.

„Се потврдува соработката со Движењето за Нова Република со цел полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија и придонес кон националната и колективната безбедност и одбрана на Северна Македонија и кон нејзините сојузници во НАТО. Воедно, потписниците со потпишаниот меморандум ја потврдуваат соработката со цел зајакнување на владеењето на правото во Северна Македонија по изборите, а воедно ќе се залагаат за креирање и спроведување одржливи јавни политики со кои ќе се обезбеди просперитет за граѓаните и државата“, се посочува од партијата.

Во коалицијата на СДСМ и натаму остануваат ЛДП, НСДП, ДОМ, партијата за движење на Турците кои ќе добијат и свои пратенички позиции, но и 10тина помали партии. Откако ги утврди носителите и пратеничките листи, СДСМ викендов ќе ја промовира предизборната програма.

Со изборните прегрупирања пак 7 помали политички партии од коалцијата на СДСМ потврдија соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив Демократски сојуз на Павле Трајанов, Достоинство на Стојанче Ангелов и паријата на Љубе Бошковски.

ДУИ пак секојдневно го шири Европскиот фронт. Откако изминатите денови потпиша договор со партиите на Скендер Реџепи, Мендуџ Тачи и Аријанит Хоџа, за утре е закажано официјализирање на коалицијата со Турската демократска партија.