Македонија
24. July 2024 - 16:38

За состојбите во здравството

Ниските плати се главната причина поради која здравствените работници заминуваат од јавното здравство. Дека состојбата е критична посебно со средно медицинскиот персонал потврди и директорот на фондот за здравство Сашо Клековски. Вели имаат комплетно разбирање за  барањата за корекција на платите и најави соработка со синдикатите, но без да конкретизира дали и кога ќе има покачување.  Дел од калкулациите ќе зависат од средствата што ќе се ослободат со укинувањето на економските директори.

Клековски најави и системски решенија за начинот на кој се водат лекувањата во странство. Според него,  тоа што се поголем број граѓани самостојно собираат донации за лекување надвор од државата  било резултат на изгубената доверба  во институциите. Информираше дека скоро 80% од нив воопшто и не се обратиле во фондот и покрај тоа што институцијата на дневна основа одобрувала и по неколку барања.

Директорите на фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и Бранко Аџигогов денеска беа во посета на подрачните служби  служби во Штип, Радовиш и Струмица како и на струмичката општа болница.