Македонија
3. January 2017 - 12:54

За пратениците од минатиот состав апанажа во зависност од должината на мандатот

До крајот на овој месец 65 пратеници од минатиот состав, доколку не се вратат на старите работни места или се без работа, имаат право до Собранието да поднесат барање за надоместок на плата, кој според законот ќе биде во зависност од траењето на мандатот, но најмногу до една година.

Овие одредби произлегуваат од Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица и измените на Законот за пратеници од јули 2014 и се применуваат првпат. 

Со верификување на мандатите на новите пратеници на 30 декември, престана мандатот на сто дваесет и тројцата пратеници од осмиот парламентарен состав. Тие во рок од 30 дена треба да се вратат на своите работни места или да побараат да остваруваат плата и по престанувањето на мандатот.

Пратениците и другите функционери нема да можат да користат апанажа една година како претходно, туку според времетраењето на мандатот.

Од 123 пратеници во минатиот парламентарен состав, 58 беа повторно избрани на предвремените парламентарни избори, па така право да бараат апанажа, доколку не се вратат на старата работа, имаат 65 сега веќе поранешни пратеници.  

Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Исто така, со законот се предвидува пратеник да може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеца, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија.

За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.

Поранешните пратеници треба да поднесат лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата. Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото и неговото престанување согласно со одредбите на овој закон.

Правото на апанажа може да престане доколку поранешниот пратеник стекне право на пензија, кога тој ќе побара, кога ќе се вработи и ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата. 

Ова право може да престане доколку лицата се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие. 

Апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието на Република Македонија односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата. Поранешните пратеници ќе имаат право и надоместок и за време на годишниот одмор. 

Педесет и еден пратеник од седмиот парламентарен состав поднесе барање за апанажа, а од собраниската сметка во втората половина од 2014 и почетокот на 2015 година за оваа намена се издвојуваа по околу 50.000 евра месечно.