Македонија
31. January 2024 - 14:23

За една недела му истекува привремениот затвор на Љупчо Палевски во Турција

Привремениот затвор што турските власти му одредија на Лупчо Палевски-Палчо истекува за една недела односно 6-7 ми февруари. Палчо е осомничен на 29-ти декември за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Палевски моментално се наоѓа во затвор во Баликесир, Турција, каде може да биде задржан до една година. Се очекува по истекот на мерката од 40 дена да му биде продолжен привремениот затвор или притворот, бидејќи македонските власти сè уште немаат добиено одговор од Турција за барањето за екстрадиција, кое беше испратено на 7-ми декември.

Од Министерството за правда за „Фокус“ велат дека очекуваат одговор од Турција во следните неколку дена, по што ќе ја информираат јавноста.

Барањето за екстрадиција беше испратено по апсењето на Палевски на 5-ти декември во Турција, бидејќи ден претходно по него беше распишана меѓународна потерница како осомничен за две кривични дела - грабнување и две убиства на свиреп начин.

Доколку биде екстрадиран, Палевски ќе биде пречекан во земјава со судско решение за притвор од 30 дена и ќе биде префрлен во истражниот затвор во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и убиствата.