Македонија
17. February 2025 - 16:38

За два месеци ќе се знае дали „Градски воз“ е исплатлив проект

За два месеци отсега ќе се знае дали има економска логика за реализација на „Градски воз“. Градежниот факултет доби задача да направи физибилити студија која ќе треба да даде одговор дали ваков проект воопшто е исплатлив.

Професорите од Градежен ќе ја утврдуваат состојбата на пругите и сигнализацијата на трите постојни траси,  кои од Железничката станица водат кон периферијата на Скопје. 

Станува збор за пругите Скопје - Илинден - Миладиновци во должина од 20 километри, Скопје - Драчево - Зелениково во должина од 25 километри и Скопје - Ѓорче Петров - Волково во должина од 18 километри.

- Онаа идеја што ја најави министерот Николоски – се држиме до тоа и ова е првиот чекор да направиме една прецизна сондажа за состојбата на пругите, не од аспект на самата пруга, туку и од аспект на сигнализација. Претпоставуваме дека во овие декади има нови населени места кадешто има зголемен број на популација. Тоа претпоставувам ќе побара некои нови стојалишта и некои нови малецки станици, железнички, вели директорот на Железници инфраструктура, Синиша Ивановски.

Студијата ќе треба да покаже колкава ќе биде побарувачката за користење на „Градскиот воз“ на годишно ниво за минимум 10 наредни години, но и фрекфенција на возот на дневно ниво. Градежниот факултет ќе треба да изготви и анализа на животниот век на проектот, како и трошоците за негова работа и одржување.

Доколку студијата покаже дека е еконоски исплатливо, според најавите на надлежните, градежните работи треба да почнат уште на пролет.

- Со градежни работи оваа пролет и лето почнуваме сигурно. Но да видиме во зависност од степенот во којшто ќе има потреба од реконструкција и рехабилитација да видиме дали ќе успееме да завршиме се оваа година или некој дел ќе биде и за наредна година доработен. Но, во секој случај, ќе направиме сериозни напори, барем една, минимум една, од овие три главни траси во Скопје да биде до крајот на оваа година функционална, вели Ивановски.

„Градски воз“ треба да биде алтернатива за граѓаните од периферијата на ужасно лошиот јавен превоз во главниот град. 

Во проектот „Градски воз“ не е вклучен возот кој треба да сообраќа до скопскиот аеродром. За него ќе треба да се изгради нов крак на трасата Миладиновци - Илинден и оваа идеја сѐ уште е во рана фаза. 

Студијата која ја изготвува Градежниот факултет ќе ја чини Железници Инфраструктура 58.000 евра.