Македонија
5. March 2025 - 12:16

За 25% намалена цената на свинското месо жива мера

Во изминатите два месеци, три пати намалена откупната цена на свинското месо жива мера. За разлика од пред Нова Година, кога се продаваше по 150 и 160 денари, во моментот се откупува за 25 % поевтино, односно, по 110 денари, а со ДДВ достигнува цена од 118 денари за килограм жива вага. Поевтинувањето е резултат на опадната куповна моќ на граѓаните, но и намалената потрошувачка во време на Велигденските пости. 

- Таа цена од 118 денари во моментов е прилично добра, што викат одгледувачите на свињи „дишат на шкрги“, уште не се со некоја загуба, бидејќи, летото кога беше жетвата, јачменот и пченицата се откупија евтино по 9 или 10 денари и има уште некоја калкулација. Ако уште падне цената тогаш сите свињарски фарми ќе работат со загуба, изјави Гоце Сарафимов, потпретседател на Асоцијација на земјоделци 

Африканската свинска чума зададе тежок удар на македонското свињогојство, меѓутоа во меѓувреме фармите се обновуваат, а позитивно е и тоа што има забрана за увоз на свинско месо. 

- Поради лигавката и шапот, сега имаме малку добра работа, поради тоа што е забранет увозот. Од свињарските фарми даваат свињи на преработувачките капацитети за преработка на свинско месо и тука се балансира цената, инаку ќе биде уште полошо, додаде Сарафимов.

По десеткувањето на свинскиот фонд, посебно кај малите производители, фармите успеаја да се рехабилитираат и да го достигнат стандардниот производствен капацитет.