Македонија
28. September 2020 - 14:04

www.uslugi.gov.mk служи само за украс? Ниту министерот не знае како да се направи налог

На веб страницата www.uslugi.gov.mk не може да се направи ниту налог за да се побара услуга од државните институции. Сител цело утро се обидува да направи налог за да провери како работи страницата, но откако ќе го вметнете мејлот, добиват повратна порака дека на мејл треба да пристигне линк каде што ќе потврдите дека сакате да направите налог. Таква порака не пристигнува на мејлот, а потоа се закочува и емаил адресата, со што не можете да ја повторите операцијата.

Ниту министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири не знаеше да објасни како граѓаните можат да направат налог. Само кратко рече дека граѓаните ќе добиваат подобра услуга, а за сите проблеми новинарите и граѓаните да му ги пишувале лично на неговиот мејл.

www.uslugi.gov.mk е веб страница на која граѓаните треба онлајн да бараат услуги од државните институции, односно документи во електронска форма.

Инаку, денешната прва прес-конференција на министерот Шаќири се одржа преку платформата Зум, но на Фејсбук страницата на МИОА се стримаше само неговиот говор, без новинарските прашања. Министерот зборуваше што ќе работи во следните четири години, но граѓаните не можеа да слушнат какви одговори тој даваше на нивните прашања.

 

Даниел Василев