Балкан
14. April 2023 - 18:59

Вучиќ: Не е вистина дека сме центар за руски дезинформации

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека сака да премолчи и да не одговара на изјавите на специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман при Стејт департментот на САД, Џејмс Рубин, за да не и се наметне дополнителен товар врз грбот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

- За време на посетата на Подгорица, Рубин рече дека очекува Црна Гора да не се потпира на Белград и на Москва и во неколку наврати зборуваше за Белград како за центар за руски дезинформации. Ова не е ни блиску до вистината, но тоа говори дека некои луѓе во американската администрација се потпираат на времето од деведесеттите кога „ведреа и облачеа“ и го имаат истиот анимозитет кон Србија и нашиот народ, рече Вучиќ во заедничкото обраќање со претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Според неговите зборови, Србија ќе се обиде да води политика на пријателство кон Америка и кон сите други.

Но, ние нема, како што некои трескавично брзаат во конфликт со Кинезите, Русите и другите, ние нема да учествуваме во таа врска, не ни паѓа на памет, нагласи Вучиќ.