Балкан
21. July 2021 - 14:25

Вучиќ му одговори на Ердоган дека ќе се бори ако дојде до лобирање за признавање на Косово

Претседателот Александар Вучиќ изјави денеска дека, според договорот од Вашингтон, и Белград и Приштина имаат обврска да се воздржат од кампања за повлекување или лобирање за признавање на независноста на Косово и додаде дека Србија ќе стори се за да ги заштити своите интереси, ако другата страна го крши тој договор, јави дописникот на МИА од Белград.

Прашан да ја коментира најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе започне лобирање за независноста на Косово, Вучиќ одговори дека Турција е велесила, а Ердоган е голем лидер.

-Ќе се обидам да разговарам со него. До 1 септември, според Вашингтонскиот договор и едните и другите имаме обврска да се воздржиме од лобирање, но ако тие започнат пред тоа … Турција е голема сила, Ердоган е голем, јас сум мал и занемарлив, но не е Србија толку мала што не би се обидела на тоа да се спротивстави, и верувам дека тој малку ќе го ублажи својот став, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека „ова не е турско“ и дека Србија нема друг избор освен да се бори за својата земја и народ.

-И ќе видите дека не сме толку мали како што понекогаш велам, порача Вучиќ.

Одговарајќи на прашањето како ја коментира изјавата на Бакир Изетбеговиќ поврзана со говорот на Александар Вулин пред неколку дена за обединувањето на српскиот свет што Изетбеговиќ го нарече голема Србија барајќи од претседателот на Србија да не дозволува такви изјави од српските власти, Вучиќ одговори дека Србија има меѓународно признати граници во ОН, кои ги вклучуваат и Косово и дека тоа е единствената српска политика, како и дека не ги интересира ништо што припаѓа на некоја друга земја.

– Јас не сум некој што сака да затвори нечија уста, тоа може да го направи Бакир или некој друг, Вулин е мој пријател и не се согласувам со него во некои работи. Тоа беше неговиот партиски митинг. Јас одржав мирен и одговорен говор, а Вулин го имаше својот говор, кој претпоставувам дека повеќе му се допаѓаше на поголемиот дел од Србија, кажа Вучиќ.