Македонија
4. January 2020 - 8:38

Втората техничка влада, на чело со Спасовски ќе управува со земјата и ќе ги организира изборите

Втората техничка влада од денеска па следните сто дена ќе управува со Република Северна Македонија и таа ќе има задача да ги организира предвремените парламентарни избори, за кои лидерите на политичките партии постигнаа согласност да се одржат на 12 април.

Досегашниот вицепремиер и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе ја предводи техничката влада во следните три месеци, а на чело на министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика се Наќе Чулев и Рахела Мизрахи, кои се предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно законското решение техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Власта има свои заменици во МВР и МТСП, додека опозицијата има свои заменици во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Заменици министри во МВР и МТСП се Славјанка Петровска и Санела Шкријејљ, додека заменици во министерствата за финасии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација се Гордана Димитриеска Кочоска, Цветан Трипуновски и Невенка Стаменковска Стојковски.

Промени во составот во однос на последната Влада на премиерот Зоран Заев, кој вчера изутрината поднесе оставка има само во делот на предложените министри и заменици од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и на вицепремиерското место за економски прашања. На местото на Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, ќе биде Мила Царовска, која беше министерка за труд и социјална политика.

На собраниската седница вчера попладне со 101 глас „за“, без воздржани и против беше избрана новата техничка влада, а Спасовски во експозето пред пратениците истакна дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога од нас се очекува непречено функционирање на сите институции.

– Ова е време кога треба да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат активностите за членство во НАТО и во ЕУ, рече тој.

Токму затоа предводењето на Владата во ваков период за него, како што рече, претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност.

Спасовски до Собранието достави програма за работа на Владата, чија основна цел е организирање  фер и демократски избори.

Според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешно организирање слободни фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправно членство на РСМ во НАТО, успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ, развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, реформи во правосудството.

Меѓу приоритетите се целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, намалување на аерозагадувањето, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа и реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатика технологија.

Спасовски втор технички премиер, по Емил Димитриев

Спасовски е досегашен вицепремиер и министер за внатрешни работи, а за премиер во техничката влада доаѓа по предлог од највисоките тела на неговата матична партија СДСМ.

На фунцијата министер за внатрешни работи е избран во мај 2017 година. Во периодот 2006-2008, 2011-2014 и 2016-2017 година бил пратеник во Собранието. Претходно работел како секретар на Општина Куманово и како советник на градоначалникот во Куманово. Според биографијата на Спасовски објавена на веб-страницата на МВР,  тој дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во моментов е магистранд по Управно право на истиот факултет. 

Тој е вториот технички премиер во историјата на земјава. Првиот беше Емил Димитриев, која ја предводеше техничката влада што ги организираше предвремените избори на 11 декември 2016 година.

Димитриев неодамна изјави дека не сака да се меша во персонални решенија и не сака да шпекулира, но, вели дека посакува техничката влада да си ја одработи својата работа, а тоа е првенствено организирање и спроведување на предвремените избори и да добиеме нова влада која ќе се справи со сите предизвици со кои се соочуваме.

– Овој облик на техничка Влада, по мое мислење, е за општества кои немаат соодветен степен на демократија и независност на институциите. Ова е решение за општества каде што политиката има силно влијание во институциите и со техничката Влада главна цел е да се направи колку толку баланс помеѓу влијанието на политичките партии и затоа се одбрани министерства кои во суштина имаат широк допир со поширока јавност и што може да влијаат во дадени избори, вели Димитриев.

Важно е, додаде тој, овој тип на влади да трае онолку колку што е предвидено – три месеци и ниту ден повеќе, бидејќи работењето на овие влади во други околности е многу комплицирана ситуација.

Наќе Чулев, прв човек на МВР, Рахела Мизрахи ќе го предводи МТСП

Наќе Чулев ќе го предводи Министерството за внатрешни работи следните три месеци. Тој е вториот предлог на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно од СДСМ не беше прифатен Драган Ковачки за нов технички министер за внатрешни работи.

Околу името на Ковачки се појави дилема дека станува збор за воено лице на служба во Армијата. Ковачки доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада, а Заев во текот на консултациите потенцираше дека станува збор за воено лице и оттука излегува дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР.

Чулев е професионалец кој работи во Агенцијата за разузнавање, а по вокација е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии, при Филозофски Факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје. Има завршено обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.

Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија.

Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот Универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО колеџ за одбрана.

Тој, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, е ново лице во политиката, но не и во секторот на безбедносни прашања. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.

Претходно во периодот од 2013-та до 2017-та година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017-та до 2019-та генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017-та година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Анкара, Турција од 2003-та до 2007-ма година. Наќе Чулев има 47 години, роден е во Кавадарци.

Неговите ингеренции во МВР ќе бидат ограничени согласно законот. Тој ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон.

Првиот човек на МВР во техничката Влада може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсот од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Мизрахи, пак докторирала на Универзитетот „Бар Илан“ во Израел, а своето работно искуство го стекнала на Институтот за истражување во кардиологија – Нјуфелд, Медицински центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и повеќе други обуки.

Работела како консултант на глобален фонд во рамките на програмата за туберкулоза во Република Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, како и асистент на Катедрата за физиологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Техничката Влада – поголема соработка меѓу власта и опозицијата во организација на изборите

Концептот техничка влада предвидува соработка меѓу власта и опозицијата во периодот до спроведување на изборите, имајќи предвид дека одлуките усогласено треба да ги носат и министерот и заменикот.

Решението за техничка Влада првично беше применето по кризата која настана, откако Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.

Овој концепт, кој сега е и законска обврска, е дел од Пржинскиот договор што во 2016 година го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Заев, кој тогаш беше во опозиција и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница.

Надлежностите на министрите, но и на замениците министри кои се избираат во техничката Влада се поинакви од оние што ги имаат во редовниот владин состав.

Законот предвидува дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со
министерот да учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот
за организација и работа на органите на државната управа.

Заменикот заедно и и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.

Ако актот или документот е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното Министерство. Одлуката на ДИК е конечна.

Во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд.

Согласно законот, дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап до сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот.

Земјава првата техничка Влада ја доби по изборите кон крајот на 2016, а сега на почетокот на 2020 повторно сме со техничка влада. Овој пат откако Северна Македонија не доби зелено светло за почетокот на преговорите на самитот на ЕУ во октомври, Заев како премиер се одлучи да замине на предвремени избори.

Тој неодамна во изјава за МИА рече дека дебатата за ставање крај на инструментот „техничка влада“ треба да се покрене заедно со дебатата за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи. Потсети дека техничката влада, позната и како „пржинска влада“ е модел на избор на влада, кој беше вграден во измените на Законот за влада по сериозната политичка криза што ја предизвика режимот. Заев изрази надеж дека техничката влада нема да биде злоупотребена од страна на сегашната опозиција.

А лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за МИА потенцира дека ни е потребна техничка влада која, како што рече, треба да обезбеди минимум амбиент за демократско изјаснување, во услови на силно политиканство на власта, и скапо платена пропагандна машинерија која треба црното да го претстави за бело.

Првиот човек на ДУИ Али Ахмети за МИА вели дека актуелното решение за техничка влада сто дена пред избори било производ на специфичните тешки околности во минатото, а за евентуална промена на овој модел потребна е согласност од сите што учествувале во процесот. За Ахмети, техничката влада влева доверба во изборниот процес и општо прифаќање на изборните резултати од сите страни.