Македонија
6. December 2022 - 16:39

Втор ден блокади - Превозниците не попуштаат, Арсовска ја нема

Втор ден парализа на Скопје. Приватните превозници и денеска  протестираат на трите главни точки во градот. Блокадите повторно направија метеж и километарски колони од возила. Возачите нервозни, бараат брза разрешница.

Хаотична е сликата и на автобуските постојки. Автобусите на ЈСП кои и онака ги нема во доволен број, доцнат и по два часа. Вртат по споредни улички надвор од рутата за да стигнат до последната станица.

Министерот за локална самоуправа, иако синоќа за Сител рече дека владата има механизам насилно да ги тргне автобусите од булеварите, денеска изјави дека дополнително ќе каже кои мерки да се преземат.

Од Слобода превоз, пак, велат протестот е законски, а изјавата на Пенов не сакаат да ја коментираат.

„Тој беше градоначалник во еден мандат и за време на неговиот мандат исто се случи генералниот штрајк на приватните превозници. Еден политичат транзициски на којшто воопшто не му е местото, требаше одамна да заврши на политичкото ѓубриште, немам намера да го коментирам“ – Кемал Муриќ, „Слобода превоз“

Градоначалничката Арсовска два дена се крие од медиумите. На најавената прес конференција не се појави, ама си напиша статус на фејсбук во кој нема ниту збор за тоа како ќе се решат блокадите и дали ќе се исплати милионскиот долг кон превозниците. Наместо тоа, пишува дека од утре ќе има нов јавен оглас на кој Слобода превоз и Макекспрес нема да може да конкурираат.

Планот е автобусите да останат на булеварите додека приватниците не добијат пари. Ако нема договор и во следните денови, вработените ќе ги изнесат на улица и своите семејства.