Македонија
6. February 2024 - 16:34

Врие од гранати на трасата на Коридорот-10

Во атарот на прилепското село Алинци кај месноста Џаферица, каде треба да поминува трасата на новиот автопат Прилеп-Битола за само еден месец пронајдени се околу 20-тина гранати од Првата светска војна. На теренот насекаде има дупки од каде се вадени гранатите или се вршени испитувања. Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов, од Дирекцијата за заштита и спасување, кој ги подигнувал гранатите вели дека целиот овој потег е преполн со гранати, затоа што тука било главното депо со магацини кои со гранати и друго оружје го снабдувале фронтот кој тогаш бил во близина на границата со Грција.

„Значи опасни се при поместување. Не треба да се поместуваат, нестручно лице не треба да ги поместува и да експериментира со нив или да работи нешто со нив. Поминати се низ цевка и опасноста е голема“, вели пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов.

Според мислењето на Стефанов треба целосно да се испита овој терен за да се продолжи со понатамошни градежни работи затоа што ризикот бил огромен.

„Како ќе оди тоа незнам тоа треба да се достави барање за таа работа.

Кој би требало да го достави тоа барање?

Па изведувачот. Дали до Армијата дали до Дирекцијата за заштита и спасување.

Колку време би одело тоа ако се побара?

Зависи од повеќе фактори, од бројот на пиротехничари, од тоа колку ќе се пронајдат гранати. Но теренот е огромен би одело неколку месеци.

Ако не се направи тоа?

Ризикот е огромен“, додаде Стефанов.

Мештаните и познавачите на овој простор велат дека тука се уште има цели магацини пореполно со гранати закопани под земја.

Од Прилеп до тука доаѓала и пруга, теснолинејка, со која се носеле огромните количества на оружје. Опасноста е толку поголема што можеби дел од овие гранати се и со хемиско полнење.

Kолку и како овие сознанија ќе влијаат врз изградбата на автопатот на ова место засега е нејасно. Експертите остануваат на ставот дека ризикот е огромен без комплетно истражување на целиот терен.