Македонија
17. April 2016 - 14:42

Врачени дипломи на децата учесници на курсот по македонски јазик во Корча

По успешно завршениот петмесечен курс по македонски јазик во Корча, Албанија, што го орагнизираше Македонскиот културен центар “Сонце” од Корча, на посебна свеченост  врачени се дипломи на децата кои што го посетуваа курсот.

Свеченоста, на која  присуствуваа родителите на децата како и амбасадорот на Република Македонија во Албанија, Стојан Карајанов, започна со пеење на македонската национална химна и продолжи со рецитирање стихотворби и пеење македонски песни од страна на децата.

Васил Стерјовски во името на Македонскиот културен центар „Сонце” се заблагодари на децата и родителите за покажаниот интерес за изучување на македонскиот јазик, истакнувајќи дека курсот по македонски јазик имаше за цел зачувување на македонскиот јазик.

- Сите деца што го посетуваа курсот по македонски јазик тука во Корча знаат да зборуваат македонски јазик, затоа што доаѓаат од македонски семејства. Бидејки во образовниот процес немаат право да го изучуваат македонскиот јазик, преку овој курс децата учат да читат и пишуваат на македонски јазик, како и да се запознаат со македонската историја, истакна Стерјовски.   

Амбасадорот на Република Македонија во Албанија, Стојан Карајанов во своето обраќање се заблагодари на децата, македонскиот културен центар “Сонце” и , учителката Аделина Дума за хуманата мисија.

 - Сите сме горди што имаме свое облежје, да го чуваме и негуваме македонскиот јазик затоа што е еден од столбовите на македонскиот идентитет и интегритет, истакна амбасадорот Карајанов.

Свеченоста заврши со доделување на дипломите на децата од страна на амбасадорот Карајанов.

Курсот по македонски јазик го водеше учителката Аделина Дума и го посетуваа 17 деца од различна возраст од македонската заедица од градот Корча.Децата ја учеа македонската азбука врз основа на програмата изготвена од страна на Валентина Нестор, лектор по македонски јазик на Универзитетот во Тирана.