Бизнис
8. јуни 2016 - 13:39

Вработувањето лица од социјален ризик со тројна корист

Повикот на Агенцијата за вработување лица од социјално ранлива категорија е во тек. Предвидени се 100 вработувања. Има интерес и се очекува во наредните денови да бидат поднесени апликации.

Ова го истакна директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски при денешната посета на компанијата „Крусел“ која минатата година се одѕва на повикот и вработи лице во социјален ризик.

Од 2014 година досега, како што рече, се вработени 135 лица во социјален ризик. Поповски вели дека бројката не е голема, но е важно што сите тие лица се вработени и се уште работат. Тоа, истакна, е стимул да најдат средства за вработување на уште една група од 100 лица за што сега има објавено оглас.

Преку мерката, Агенцијата потпомогната од Светска банка овозможува субвенционирано вработување во траење од шест месеци. Од степенот на образование на лицето кое се вработува зависи и субвенцијата која ја добива компанијата. За оние до средно образование субвенцијата изнесува 14.900 денари за исплата на бруто плата, а за оние со високо образование 17.000 денари. Дополнително, како што појасни Поповски, добиваат и 5.000 денари за секое вработување бидејќи овие лица имаат потреба од повеќе време да се приспособат на работниот процес.

Буџетот за оваа мерка за сувенционирано вработување изнесува 12 милиони денари.

Најчесто на огласите учествуаат малите, микро и средните претпријатија. Засега, како што информира Поповски, големите претпријатија не учествуваат.

Славе Илиоски, сопственик на „Крусел“ истакна дека ваквите мерки се добра помош и поддршка на малите претпријатија за подобрување на нивната работа.

- Ваквите мерки се од тројна корист.  За нас како компанија да ни се намалат трошоците, за лицата кои на тој начин се вработуваат и за државата која на тој начин ја намалува невработеноста, потенцира Илиоски, кој најави дека од директорот Поповски се информирал и за другите мерки што ги спроведува Агенцијата и оти се заинтерсирани и за нови вработувања.