Балкан
14. March 2016 - 8:46

Вознемирувачко: Автомобил бомба се заби во автобус, 35 мртви

Најмалку 35 загинати и 125 повредени е билансот од синоќешниот бомбашки напад во центарот во Анкара. Експлозијата се случи синоќа во 18 часот и 35 минути во близина на централниот Гевен парк. По експлозијата се слушнале истрели.

За нападот се уште никој не презел одговорност, а неимнуван владин претставник изјави дека зад нападот стои Курдската работничка партија или група поврзана со неа, пренесува Танјуг.

Областа е евакуирана поради страв од нови напади.

Според приватната телевизија НТВ експлодирал автомобил, додека ТРТ јави дека експлозијата уследи по судир на автомобил и автобус во кој имало околу 20 лица.

Турскиот весник „Хуријет“ пишува дека САД пред три дена ги предупреди своите државјани од евентуален терористички напад во Анкара.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд го осуди нападот истакнувајќи дека терористичките напади претставуваат напад „врз сите наши европски вредности, врз сите нас“.

Портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби осудувајќи го нападот истакна дека САД „го потврдуваат силното партнерство со својот НАТО сојузник Турција во борба против заедничката закана - тероризмот“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека е вџашен од нападот во Анкара, додека шефот на француската дипломатија Жан-Марк Еро нападот го нарече кукавички чин.

Сочувство до Турција испратија и српскиот премиер Александар Вучиќ и рускиот претседател и премиер Владимир Путин и Дмитриј Медведев.

Нападот го осуди и прокурдската Народна демократска партија наведувајќи дека „ја делат огромната болка заедно со своите граѓани“.