Македонија
27. January 2021 - 21:22

Возењето од Виница кон Делчево наликува на руски рулет

После секои пообилни врнежи од дожд, особено во зимскиот период, патувањето од Виница кон Делчево и во спротивен паравец наликува на руски рулет. Посебно е опасна делницата која минува низ клисурата на р. Брегалница во должина од околу 15 километри.

Возачите се приморани да ги заобиколуваат камените блокови преку импровизиран макадамски пат, стравувајќи дека во секој момент одронот може повторно да се активира.

Одронот стои веќе околу 2 недели и патот никако не се чисти. Целиот е со одрони и мора да се вози во спротивната лента за да може да се помине.

Жителите на Пијанец кои секојдневно го користат овој регионален пат кој е единствен за поврзување со Штип и Скопје, револтирани се зашто проблемот се провлекува со години и никој не се зазема за негово решавање.

Ова е со години вака. Не е година или две. Го заѕидаа, но падна и додека не загинат луѓе се така ќе биде.

Значи не треба да се случи да има некоја човечка жртва за патот да се исчисти и да биде среден. Ова е регионален пат кој води до Р. Бугарија и треба постојано да биде чист.

А дека ситуацијата е крајно сериозна сведочат и фотографиите од саботата, кога само чиста среќа ги спасила патниците од возилото од кобни последици. Ова не е единствената црна точка на овој патен правец, зашто опасност демнее долж целата делница. Ставањето на заштитна мрежа евидентно не дава резултат, а надлежните час поскоро мора да се ангажираат во санирање на одроните и да изнајдат трајно решение