Македонија
16. January 2024 - 12:21

Возел 7 мигранти во автомобил

30 годишник од струмичко се обидел да прокриумчари мигранти од Сирија. Случајот бил откриен синоќа во селото Костурино од страна на полициски службеници од станицата за граничен надзор и проверки Стар Дојран.  

Според полицискиот билтен вчера околу 19 и 30 часот  на регионалниот пат Валандово - Струмица  на место викано „Валандовско брдо“, полициски службеници дале знак за запирање на две патнички возила „бмв“, со битолски и со штипски регистарски ознаки, но возилата не застанале, по што во село Костурино возилото „бмв“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувало триесет годишното лице било запрено, а при преглед во него се пронајдени седум лица мигранти од Сирија.

Возачот е приведен, а за настанот известен јавен обвинител и по негово целосно расчистување и документирање ќе биде поднесена соодветна пријава. 

И покрај тоа што Балканската мигрантска рута веќе со години е затворена Македонија останува една од главните транзит дестинации за мигрантите.

Според официјалната статистика на МВР во 2023 година биле спречени 13.800 илегални преминувања од кои наголемиот дел или 89% се на границата со Грција. 39% од мигрантите доаѓаат од Сирија, 26 %од Мароко, 7,4 % од Авганистан.

Лани биле откриени и спречени и 81 обид за криумчарење на околу 1100 мигранти. Најголемиот дел од лицата кои биле предмет на криумчарење, над 900 се државјани на Сирија, 81 биле од Конго и 89 од Пакистан.