Македонија
5. October 2016 - 12:12

Водите во Македонија се суво злато

Македонија изобилува со вода. Според мислењето на експертите има доволно вода за пиење за подолг временски период и покрај фактот што во некои делови од земјава доаѓа до повремени кризи од недостиг на вода, како резултат на сушните и исклучително топли периоди.

Но, ваквата состојба не треба да не залажува, и натаму кон водата треба многу разумно да се однесуваме, особено при нејзиното користење. Уште повеќе, ако се имаат во предвид предвидувањата на хидролозите дека токму водата во блиска иднина ќе биде најскапоцената течност, а оние земји што ја имаат во изобилие ќе бидат богати земји.  

Врутоци

На територијата на Република Македонија има околу 1.100 поголеми извори со издашност поголема од 1 литар вода во секунда. Околу 800 се со капацитет од 1 до 5 литри вода во секунда, од кои 300 извори даваат 5 литри вода во секунда, а многу е мал бројот на извори со издашност од 5 до 10 и од 10 до 30 литри вода во секунда. Иако само 90 извори имаат издашност повеќе од 30 литри вода во секунда, тие даваат 84 проценти од вкупната изворска вода во земјава. Другите, околу 1.000 извори учествуваат со 16 проценти во вкупната изворска вода.

 

Практично, од вкупните ресурси на вода и вода за пиење над 70 отсто се сконцентрирани во западниот дел од земјава. Односно, овде има повеќе извори со вода, за разлика од источниот дел каде се помалку, а најмалку извори со вода има во Повардарието.
Осумдесет проценти од сите извори се наоѓаат во сливот на реката Вардар, потоа во сливот на Црн Дрим, 15 отсто и во сливот на Струмица, 5 отсто. Изворите се на планинските подрачја на Шара, Бистра, на Баба со Пелистер, на Јакупица, Јабланица, Осогово, Плачковица, а најсиромашни со вода се сливот на реката Пчиња, долниот тек на Брегалница и средното Повардарие.

Силни извори со издашност повеќе од еден метар кубен во секунда, познати како врутоци кои се врзани со карстните, односно со варовничките терени, најмногу има во сливното подрачје на Црн Дрим, потоа во горниот тек на реката Вардар, Бабуна, Треска и Црна Река. Некои врутоци на Треска кај село Извор, врутокот на Бабуна, Кадина Река, Беличка Река, Црна Река и други претставуваат изворишта на овие реки.

 

За најсилен вруток се смета врутокот Свети Наум  кај истоимениот манастир чија издашност се движи од 6 до 11 метри кубни во секунда. Всушност, овој извор е составен од повеќе помали при што сите заедно формираат еден голем извор. Овој вруток вода добива од Преспанско Езеро. Други поголеми врутоци во Република Македонија се Билјанини Извори во Охрид, а во близина на Струга се наоѓа и врутокот Шум, кој со своето мало езерце се користи како мрестилиште на пастрмка. Исто така, поголеми зивори во Охридско-струшката котлина се оние во близина на селото Вевчани – Вевчанските Извори, изворите кај селата Целин и Делогожди, селото Велмеј во Дебарца...

Многу карстни врутоци има и во Полошка Котлина, од кои најпознат е изворот на реката Вардар, кој има издашност од 1,5 метри кубни во секунда. Водата од овој извор се користи за водоснабдување на Гостивар, за наводнување и за производство на електрична енергија. 
Важен е и врутокот Рашче, кој се наоѓа во подножјето на варовничката планина Жеден, на излезот на Вардар од Дервенската Клисура. Рашче се смета за еден од најзначајните врутоци во Република Македонија, бидејќи од него со вода за пиење се снабдува главниот град Скопје. Средногодишното истекување на водата од овој извор е 4,15 метри кубни во секунда.

 

Други поважни врутоци се врутокот на реката Студенчица од кој преку регионалниот водовод со вода се снабдуваат Кичево, Македонски Брод, Крушево и Прилеп, потоа изворот на реката Треска, изворот на Црна Река кај селото Железнец, изворот на реката Бабуна над селото Нежилево. Силни извори има во подножјето на планината Бистра, потоа во горниот дел на Радика, во Кичевијата, Поречието и на други места.

Бунарски подземни води

Значаен дел од водните ресурси на земјава секако се и бунарските подземни води што се снабдуваат со вода од врнежите, потоа од водните текови кои се спуштаат од повисоко кон пониско земјиште, како и од подземните води кои се наоѓаат покрај речните корита кои се снабдуваат со вода од самите поголеми реки. Длабочината на бунарските води не е секаде иста. Во некои подрачја во бунарите водата се искачува на само неколку метри, а во други се спушта и до 20 метри. Овој вид подземна вода е многу значаен. Се смета дека околу 60 проценти од селските населби и околу половина од градските населби со вода за пиење се снабдуваат токму од овие извори, а во некои градови и индустријата се обезбедува со вода од нив.

 

Подземните води се наоѓаат речиси во сите котлини, но најмногу ги има во Пелагонија и во Струмичко-радовишката Котлина. Ги има на длабочина од 50 до 80 метри, но ваква вода има на поголеми длабочини од 100 метри.

Резервите на подземни води во Пелагониската котлина се проценуваат на околу 170 до 20 милиони метра кубни, додека во Струмичко-радовишката  котлина се претпоставува дека има околу 850 милиони метра кубни ваква вода.

Ќотек за вода

Водите се национални богатства. И сосем нормално е со нив да стопанисува државата и таа да има механизми за спречување на какви било обиди, па дури и помисли за можни манипулации и злоупотреби. Затоа и треба да се разликуваат извор и водоводи, како и стопанисување и управување. Односно,  со изворите стопанисува државата, а со водата, јавните претпијатија. Разликувањето на овие поими е многу значајно да не се создаваат непотребни тензии околу реалната опасност за водата да стане предмет на уцени и пазарења. Колку што е тоа можно во практиката, бидејќи секогаш има можности за злоупотреби.

Вевчани и Вевчанските Извори е еден од попознатите случаи во кои во 1987 година водата го подгреа политичкиот конфликт до крајни граници и како настан доживеа невиден медиумски третман во просторите на поранешна Југославија и во светот. За потсетување, вевчанците не сакаа да им дадат вода од Изворите на своите соседи, селото Октиси, населено со Македонци со исламска вероисповед, за што беа прогласени за егоисти и верски шовинисти. Политичката битка за Вевчанските Извори во континуитет траеше повеќе од две години, а беше применета и полициска сила, за на крај Изворите да се под контрола на самите вевчанци, односно на локалната самоуправа.

 

Низ историјата на Македонија имало и други примери на ќотек за вода. По Втората светска војна без многу гласност, но со многу и прекумерна употреба на сила се решавани проблемите на снабдување со вода за пиење и зафаќани, каптирани изворишта во повеќе места во западниот дел на државата. Веројатно само најстарите граѓани се сеќаваат дека во близина на Струга е каптиран изворот на село Шум со полициска интервенција непосредно по ослободувањето. Ќотек за вода „јаделе“ и мештаните од Радолишта, од Тресонче...При крајот на 90. години специјални полициски сили го чуваа изворот Студенчица по отпорот на месното население за поголем дотур на вода за пиење преку регионалниот водовод што покрај матичното Кичево, ги опслужува Прилеп, Крушево, Македонски Брод.

Без разлика на се’, кога е водата во прашање во Македонија има традиција на најголемо заедништво во нејзиното користење. Ова ги опфаќа и непишаните правила на користење на водата од страна на самите жители, за време на суша, или за наводнување , на пример, кои ги создал животот но и потребите од него.  

Кети Мицковска