Македонија
23. April 2018 - 15:54

Во Велес легализирани 6100 дивоградби

 Во Велес од почетокот на процесот на легализација до денес легализирани се 6100 дивоградби.

Раководителот на Одделението за општо-правни работи во општината Елизабета Јовчевска за МИА изјави дека досега се поднесени 9638 барања за легализација на дивоградби од кои позитивно решени се 6100.

- Од останатите 3538 барања, 1547 биле одбиени поради некомплетирање на документите,а 1991 се во фаза за постапување, вели Јовчевска.

Од оваа бројка, минатата 2017 година се легализирани 580 дивоградби, а за четирите месеци од годинава решени легализирани се 32 дивоградби.

- Рокот за поднесување сеуште трае. За оние кои поднесуваат прв пат е до 31 декември оваа година, а за оние кои што имале поднесено барање во 2011 година кое поради некомплетност било одбиено/отфрлено имаат можност да поднесат ново барање до 30 јуни 2018 година, појаснува Јовчевска.