Македонија
8. September 2018 - 13:24

Во Тетово одбележан Денот на независноста на Македонија

Со одвоени прослави во два различни термини на исто место, Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово, општинската организација на СДСМ и општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово го одбележаа 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. 

Во 9 часот делегација на Општинската организација на СДСМ Тетово положи цвеќе на споменикот.

- Денес сме горди граѓани кои слават еден историски момент за нашата држава. Пред 27 години на 8 Септември со убедливо мнозинство од 95 отсто народот на референдум се реши за суверена, самостојна и независна држава. Таа одлука за нас денес е гордост и предизвик. Предизвик да им оставиме на идните генерации моменти и одлуки со кои ќе се гордеат како ние денес. Од името на ОО на СДСМ Тетово им го честитам на граѓаните денешниот празник и ги повикувам сите заедно на 30-ти септември да ја донесеме новата историска одлука. Да ја прифатиме историската шанса што ја добивме конечно да застанеме рамо до рамо со европските граѓани преку влезот во двете најголеми светски семјства ЕУ и НАТО. Да ја зачуваме оваа земја и да го отвориме патот кон светла иднина и подобар живот за сите и како таква да ја предадеме на нашите поколенија, рече Мелиса Ценовска од ОО на СДСМ Тетово.

Час и половина подоцна на истото место цвеќе положи и делегација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово.

- Денеска одбележуваме 27 години од референдумот за самостојна и суверена Република Македонија. Денеска е денот за кој многу генерации пред нас ги дадоа своите животи и за кој се бореа за нас да ни припадне честа да го прославуваме овој празник, но исто така ни останува и аманетот да направиме се што можеме за да ја зачуваме Република Македонија. И оваа година како и минатите изостана организација од страна на градоначалничката Теута Арифи за официјална прослава на овој голем празник што испраќа лоша порака до граѓаните на Тетово, рече Александар Велјановски од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Тетово.

Неколку години наназад Денот на независноста на Македонија во Тетово се одбележува само со партиски прослави пред Споменикот на револуцијата во центарот на градот.