Македонија
4. May 2020 - 11:45

Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за труд и социјална политика информира дека во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита за април 2020 година: Гарантиран детски додаток; Детски додаток; Посебен додаток за мај 2020; Еднократна парична помош за новороденче; Родителски додаток за трето дете; Родителски додаток за четврто дете; Единствен родителски додаток.

Во тек е и исплатата за Образовен додаток – Студирање; Гарантирана минимална помош; Туѓа нега; Постојана парична помош; Еднократна парична помош; Мобилност и слепило; Цивилна инвалиднина; Социјално домување; Социјална сигурност- социјална пензија; Азиланти домување; Парична помош за згрижувач и Паричен надоместок за згрижувачко семејство.

МТСП информира дека исплатата на правата на парична помош од социјална и детска заштита на шалтерите на банките се врши етапно, по дефиниран редослед по азбучен ред, според почетната буква од презимето и тоа:

– 4 мај 2020 (понеделник) исплата за А, Б, В, Г + Д (прва буква на презиме)

– 5 мај 2020 (вторник) исплата за Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К + Л (прва буква на презиме)

– 6 мај 2020 (среда) исплата за Љ, М, Н, Њ, О, П + Р (прва буква на презиме)

– 7 мај 2020 (четврток) исплата за С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ + Ш (прва буква на презиме)

– Етапната исплата на паричните права од социјална и детска заштита е направена со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на овие права, во услови на опасност од вирусот КОВИД-19. Корисниците на права од социјална и детска заштита кои користат платежни картички поврзани со трансакциската сметка на која се исплаќаат правата од социјална и детска заштита, паричните средства можат да ги подигнат на банкоматите на банките, да ги користат за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, сметано од 4 мај 2020 година, соопшти МТСП.

Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба.

-Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијали и експозитури на банките, се должни да носат каква било форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично). Исто така, при чекање ред пред и внатре во банките, треба да се запази минимум потребно растојание од најмалку два метра, наведува Министерството во соопштението.