Во Струмица ќе се градат дополнителни 5,5 километри велосипедски патеки
Во Струмица започнува втората фаза на проектот ,,Струмица паметен вело град,,која покрај веќе постоечките 11, предвидува изградба на дополнителни 5,5 километри велосипедски патеки. Планирани се и нови вело паркинзи и стојалишта за мали сервиси на велосипедите. Втората фаза ќе опфати неколку булевари и улици како и поврзување на градскиот стадион со игралиштата, што ќе овозможи кружно движење со велосипеди низ градскиот парк. Дополнително, планирано е да се гради велосипедска инфраструктура за поврзување и на населените места во општината. Градоначалникот Костадин Костадинов, очекува дека овој проект заедно со имплементацијата на електричниот јавен превоз да имаат значаен придонес во намалувањето на аерозагадувањето кое во изминатите неколку години претставува еден од главните проблеми во Струмица.
Проектот предвидува и набавка на 150 смарт велосипеди наменети за користење од страна на граѓаните, но засега не е познато дали овој дел од проектот ќе се реализира. Од општината не ја исклучуваат можноста парите наместо за велосипеди да бидат пренаменети за дополнителна инфраструктура, за што ќе бараат согласност од делегацијата на ЕУ која го финансира проектот .
,, Strumica -Smart velo сити,, е предвидено да трае до 2025 година и опфаќа неколку фази. Целиот проект чини 750 000 евра, средства кои Струмица ги доби како грант од Европската Унија преку програмата ,, ЕУ за општините,,. До сега во првата фаза веќе се искористени 250 илјади,а за втората се планирани дополнителни 150 илјади евра, но овој износ не е конечен бидејќи истиот ќе зависи од понудите на операторите.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар