Балкан
23. March 2021 - 14:50

Во Србија пристигаат 100.000 дози на Спутник В и лекот на Елај Лилија

Состојбата со епидемијата е сериозна и Србија е петта во Европа според бројот на нови случаи на 100.000 граѓани, изјави за РТС директорот на Канцеларијата на СЗО во Србија, Маријан Ивануша.

Тој додаде дека интензивно се шири британскиот сој на вирусот кој полесно се пренесува и завршува со потешка форма на болеста и дека е потребно да се промени однесувањето и луѓето да се вакцинираат што е можно поскоро.

-Знаеме како се пренесува вирусот, тоа се блиски контакти меѓу луѓето, изјави Ивануша и кажа дека тоа треба да се спречи, дека е потребно растојание, употреба на маски, хигиена на рацете, респираторна хигиена, изолација на пациентите, како и дека мерките треба да траат се додека не дадат реултати.

Ивануша изјави дека ситуацијата се влошува во цела Европа и наведе дека вакцините дејствуваат и против британскиот сој.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според последните податоци на Владата, во Србија се извршени вкупно 2.178.930 вакцинации, а втората доза ја примиле 865.018 граѓани.

Србија е десетта во светот според вкупниот број на вакцинирани и трета во Европа според вкупниот број на вакцини дадени на милион жители.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во Србија денес ќе пристигнат 100.000 вакцини Спутник Ве од првата компонента, а милион дози на кинескиот „Синофарм” меѓу 5 и 10 април.

Вучиќ кажа дека бројот на смртни случаи во Србија расте, бидејќи 75 отсто од пациентите се заразени со британскиот сој на вирусот, кој е поинфективен и смртоносен, но дека сè уште има помалку смртни случаи од ковид отколку во другите земји.

Директорката на Републичкиот фонд за здравствено осигурување (РФЗО), Сања Радојевиќ Шкодриќ, изјави денес дека во Србија пристигнале вкупно 5.800 нови лекови за ковид 19 од американскиот производител „Елај Лилија”.

Таа објасни дека овој нов лек за ковид пациенти спречува натамошно врзување на вирусот со клетката и изјави дека неговата ефикасност е многу висока и изнесува 95 отсто.

Шкодриќ кажа дека овој лек се дава на пациенти кои не се хоспитализирани и спречува пациентот да добие посериозна клиничка слика.

-Тој е наменет за пациенти кои имаат лесни и умерени симптоми и оние кои се изложени на ризик да добијат посериозна слика поради хронични и други болести, изјави директорката на РФЗО.