Бизнис
10. November 2020 - 14:34

Во собраниска процедура законски измени за задолжително пензионирање на 64 години

Пратеници на СДСМ во собраниска процедура го доставија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, кој предвидува задолжително пензионирање на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.

-На овој начин создаваме услови за намалување на вработените во државната администрација и во јавниот сектор, но и отвораме простор за вработувања на млади кадри кои можат да дадат значаен придонес во унапредување на работниот процес. Со ова, реализираме уште едно клучно ветување дадено пред граѓаните, отвораме нови можности за младите, рече не денешната прес-конференција во Собранието координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Тој појасни дека во собраниска процедура заедно со Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за работни односи го доставувиле и Предлог законот за измена на Законот за администрација, со што, како што рече, целосно ќе бидат опфатени сите вработени во државниот и во приватниот сектор.

– Со цел да се обезбеди одреден преоден период, сите оние што до 31 август 2020 година поднеле барање за продолжување на договорот за вработување, предвидуваме нивниот договор да важи до истекот на времето за кое е предложен, односно до исполнување на рокот даден со претходното барање. Поради недостиг на одредени стручни кадри и потребата од ефикасно продолжување на работниот процес, исклучок од правилото за пензионирање на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж ќе има во секторите здравство и високо образование, каде што работниот стаж ќе може да се продолжува година за година, но најмногу до 67 години возраст, рече Митрески.

Според него, согласно предложените измени во Законот за здравствена заштита заради непречено вршење на здравствената дејност директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник или соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст. Но, како што потенцира, оваа одлука задолжително ќе мора да ја потврди  и министерот за здравство.

– Во законот за високо образование, предвидуваме дека на лице избрано во наставно-научно звање или наставно звање по негово барање и заради непречено вршење на дејноста на високообразовната установа, работодавачот еднаш годишно може да го продолжи договорот за вработување до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која полни 67 години возраст, појасни Митрески.