Македонија
27. September 2022 - 8:43

Во Собранието закажани седници на четири комисии

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници треба да одржат четири комисии.

Во 10 часот е закажана 44-тата седница на Комисија за финансирање и буџет, со една точка на дневен ред: Предлог – завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, со Конечен извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на усогласеност на Основниот буџет на Република Северна Македонија за 2021 година.

Законодавно-правната комисија треба да одржи две седници, 145 и 146, кои се закажани во 10:15 и 10:30 часот.

Во 12:00 часот треба да се одржи 37-та седница на Комисија за одбрана и безбедност со две точки на дневен ред: Предлог-одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и Предлог-одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Во 12:00 часот е закажана и 34-тата седница на Комисија за европски прашања, на која се ставени седум точки на дневен ред, меѓу кои, Предлог на закон за Академија за судии и јавни обвинители, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик.