Во Собранието почна расправата по Предлог-буџетот за 2018 година
Во Собранието денеска почна расправата по Предлог-буџетот за 2018 година. Предложениот буџет е на дневен ред во матичната Комисијата за финансирање и буџет, каде пред членовите го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски.
- Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО, рече Тевдовски.
Додаде дека Предлог-буџетот ја покажува цврстата определба на Владата за ефикасно, домаќинско, транспарентно и општествено-корисно трошење на државните пари.
- Како што може јасно да се види од предлогот, народните пари ќе се трошат на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не на расипништво и непотребни проекти, истакна Тевдовски.
Посочи дека во Предлог-буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството како повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има, истакна, и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.
Според предлогот, вкупните приходи за 2018 година се планираат на ниво од 193.512 милиони денари, а расходите се планирани на ниво од 211.745 милиони денари, односно 3,4 милијарди евра. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,7 проценти од БДП или 18.233 милиони денари во апсолутен износ. Ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година.
Вкупните приходи за наредната година се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека приходите за 4,1 процент.
Со предложениот буџет пари се предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании.
Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.
По предложениот текст има поднесено вкупно 279 амандмани. Расправата во Комисијата според Деловник трае 10 работни денови.
Ново на Сител
-
Мицкоски очекува Лимани сепак да добие американска виза
-
СДСМ ќе поднесе кривична пријава за кршење на деловникот на Собранието и правата на пратениците
-
За два месеци во ИЈЗ пријавени 100-тина случаи со шуга
-
Преглед на вестите од светот
-
Вреди: Најавите за бојкот на локалните избори го покажуваат стравот на ДУИ од пораз
-
ВМРО-ДПМНЕ: Пуцко Петрол со најголем пораст на приходот во време на СДС и ДУИ
-
Уставен се подготвува за седницата за Законот за јазиците, ДУИ предупредува за политичка криза
-
И да се зголеми минималната плата во Македонија, пак ќе биде најниска во регионот