Свет
23. July 2020 - 21:06

Во САД веќе има над четири милиони заразени со коронавирус

Бројот на заразени со коронавирус во САД денеска надмина четири милиони, по брзото зголемување на бројот на нови случаи во последните неколку недели, пренесуваат британските медиуми.

Од почетокот на епидемијата во оваа земја, на 21 јануари, беа потребни 98 дена за бројот на пациенти да достигне еден милион, но само 16 дена за од три милиони бројката да се зголеми на четири милиони, пренесуваат британските медиуми.

Просечниот број на новозаразени  во САД сега секој час расте за 2.600, што е најголема стапка во светот.

Додека епидемијата се шири низ целата земја, од епицентарот во Њујорк до југот и западниот дел на САД, а федералните, државните и локалните власти се судруваат во погледите како да се борат со неа, едно од прашањата е како и кога да се ублажат социјалните и економските ограничувања воведени во борбата против ширењето на инфекцијата.

Прашањето за носење маски, вообичаена пракса во светот, препорачана и од здравствените експерти на американската владина администрација, стана особено исполитизирано, а најмногу му се спротивставуваат некои републикански гувернери на тешко погодените сојузни држави.

Претседателот Доналд Трамп, кој во анкетите се соочува со пад на популарноста заради лошото управување со кризата, долго време се спротивставуваше на носењето маска, но од оваа недела ги повика Американците да ја носат.