Македонија
9. October 2015 - 10:14

Во Прилеп започнуваат чествувањата за „11 Октомври“

Во Прилеп денеска почнуваат чествувањата за одбележување на 74-тата годишнина од почеток на народното востание и организираниот отпор на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
 
Градоначалникот Марјан Ристески нагласи дека програмата за одбележување е богата и достојна на празникот. Образложувајќи ја програмата, нагласи дека учениците од прилепските училишта денеска напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во чест на празникот ќе изведат перформанс и ќе го формираат македонското знаме, а во 18.30 часот во градската библиотека „Борка Талески“ ќе се одржи изложба на грамофонски плочи. Вечер во Домот на културата „Марко Цепенков“ почне традиционалниот интернационален детски фестивал „Ѕвездички“.
 
Вечер ќе започне јубилејното 15-то издание на детскиот фестивал „Ѕвездички“ кој преставува културен и музички бренд на Прилеп и Македонија. 
 
- Прилеп се гордее со празникот „11 октомври“  и со фактот дека оттука почнала народната револуција, а градот дал голем број жртви и херои.  По повод 74 годишнината од 11 октомври, три дена има голем број настани. Денеска во 10.30 часот ќе  биде означен почетокот на градежните работи на улицата „11 Октомври“. Ќе се работи од кружниот тек пред О.У. ,,Г.Делчев“ па се до мостот „Табана“. Станува збор за зафати кои ќе овозможат 4 ленти на улицата, зелен појас на средината, велосипедски патеки и модерно осветлување, појасни Ристески.
 
Во сабота на 10. Октомври ќе биде поставен камен темелник и за изградба на нова зграда во центарот на градот  на местото на бараките на поранешниот Суд за прекршоци. Утревечер од 18.30 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“ почнува централната манифестација по повод националниот празник „11 Октомври“. Традиционален е импровизираниот напад на градот и богатиот огномет.
 
Според прилепскиот градоначалник Ристески, в недела, на празникот ќе им биде оддадена достојна почит на дејците, борците, народните херои и жртвите што Прилеп ги дал во народноослободителната војна.
 
-  Во четиригодишната народна револуција Прилеп дал 15 народни херои и околу 650 жртви чии мошти се на Могилата на непобедените во паркот на Револуцијата. По повод празникот свежи цвеќиња ќе бидат положени на Могилата на неподените, во Алејата на народните херои што се во комплексот „Парк на Револуцијата“, а почит ќе им биде оддадена и на идеологот на народната револуција Кузман Јосифоски-Питу и на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто пред нивните споменици во центарот на градот, вели Ристески.