Македонија
1. December 2017 - 14:16

Во Прилеп одбележан Меѓународниот ден за борба против СИДА

Со предавање во училиштата и делење пропаганден материјал и презервативи денеска Центарот за јавно здравје од Прилеп во соработка со Црвениот крст го одбележаа Меѓународниот ден за борба против СИДА. 

Според епидемиологот д-р.Татијана Станимировиќ, началник на одделението по епидемиологија во Центарот за јавно здравје, предавањата се со цел превенција на населението, но и за тестирање за инфекцијата со ХИВ вирусот побрзо да се открие.

- Во Македонија секој оној кој е инфициран од ХИВ/СИДА има пристап до антивирусната терапија, која ја има во доволен број за сите. Целта на нашите едукации е да се укаже на раното откривање на ХИВ инфекцијата и значењето на тестирањето во таа смисла. Ако побрзо се направи тестирањето, во пораната фаза на инфекцијата, кога се уште имунитетот на заразениот е зачуван, тогаш поголем ќе биде ефектот од лекувањето. Затоа инсистираме болеста да се открие во што е можно порана фаза преку ХИВ тестови, вели Станимировиќ.

Таа потенцираше дека бесплатни тестови се прават и во Прилеп, а при тестирањето максимално е запазена дискрецијата и анонимноста на лицата.

- Во нашата институција со години секојдневно работи советувалиште за сексуално преносливи болести и за сексуално и репродуктивно здравје. Во советувалиштето може да се добијат совети и се врши бесплатно тестирање. Тестовите се со 99% сигурност и многу брзо се соопштува резултатот. Затоа апелираме секој оној што смета дека бил изложен на некој ризик, да дојде и да направи тестирање, додава Станимировиќ.

Едукатори од Центарот за јавно здравје вчера одржаа трибина со учениците од Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, а едукативни предавања дополнително ќе се одржат во сите основни и средни училишта од градот.

Инаку, во Прилеп последните години забележан е тренд на пораст на заболени од ХИВ/СИДА. Од првиот регистриран случај од 1991 година досега инфицирани се 16-мина, а шест од нив регистрирани се последните две години. Тројца новоинфицирани се откриени годинава и тројца минатата, 2016 година.