Македонија
6. October 2016 - 15:25

Во Прилеп ќе се одржи интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички“

Во Прилеп од утре до 9 октомври ќе се одржи најновото издание на интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички“ на кој ќе настапат учесници од 15-ина земји, беше соопштено на денешната прес-конференција во локалната самоуправа во Прилеп.

 
Како што рече директорот на фестивалот Марјан Катароски, овој музички настан е единствен интернационален детски фестивал во Македонија, организиран од „Естрада мултимедија центар“.
 
- Фестивалот „Ѕвездички“ се стреми да продуцира детски хитови и да направи од децата-учесници нови ѕвездички. Основна цел е да создаде цврсти пријателски врски меѓу децата од различни етнички и верски средини и да ги оживее во практиката принципите за заедничко живеење, меѓусебната толеранција и разбирањето, како и надминување на културните разлики меѓу децата од целиот свет. Фестивалот е замислен како големо шоу во кое децата од повеќе држави имаат можност да ги покажат своите способности, рече Катароски.
 
Годинава ќе настапат учесници од 15-ина земји, меѓу кои од Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Унгарија, Италија, Малта, Русија, Белорусија, Литванија, Македонија. Ќе има две полуфинални вечери, кои ќе се одржат на 7 и на 8 октомври, а финалето е на 9 октомври на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“. 
 
Градоначалникот Марјан Ристески денеска се сретна со децата-учесници на фестивало, кој, нагласи, дека секоја година е се помасовен.
 
- Интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички“ е една од големите можности да се родат нови музички ѕвезди, но што е многу важно, децата од секаде да се дружат на едно место и да воспостават и трајни пријателски врски, рече Ристески на денешната прес-конференција.