Македонија
7. October 2016 - 16:28

Во Прилеп бројни манифестации за одбележување на празникот 11. Октомври

Со повеќе настани Прилеп ќе ги одбележи празникот „11 Октомври“ и 75 годишнината од Народноослободителното востание од 1941 година, беше соопштено на денешната прес - конференција во прилепската локална самоуправа.
 
Според Снежана Ристеска, советник за култура, честувањата започнаа со отворање на Фестивалот на медот во центарот на градот кој ќе трае до сабота, а продолжуваат со вечерашното отворање на интернационалниот фестивал „Ѕвездички“ во Центаерот за култура „Марко Цепенков“.
 
- Повеќето од 20-ината манифестации во чест на големиот празник „11 Октомври“ со кој Прилеп нераскинливо е поврзан зашто народното востание пред 75 години почна токму со нападот на тогашниот затвор, сега музеј, се традиционални и го збогатуваат чествувањето со години. Така е со Фестивалот на медот кој до утре се одржува по 7 -ми пат, а и со Интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички“ што од вечер па до 9 октомври се одржува во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Децата учесници пристигнаа од 15-ина земји и ќе го претстават својот талент, рече Ристеска.
 
Во рамки на празничните настани, утре од 16 часот е меморијалниот ориентационен натпревар „Пеце Атанасовски“ во основното училиште „Кочо Рацин“, а в недела од 8 часот на булеварот „Гоце Делчев“ почнува и поштенскиот маратон во организација на „Македонски пошти“. В недела од 10 часот во спортската сала од основното училиште „Добре Јованоски“ е турнирот во џудо, а од 11 часот, во прилепското основно училиште „Кочо Рацин“ е натпреварот во стандардни и латино-американски танци А и Б лига.
 
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, главните чествувања за „11 Октомври“ почнуваат в понеделник и на денот на празникот, вторник.
 
- За празникот секогаш презентираме некој капитален проект во општината. Овој пат е проектот за енергетска ефикасност во средното економско училиште „Кузман Јосифоски-Питу“, а се однесува на зајакнувањето на објектот да биде енергетски ефикасен. Проектот вреден 80 илјади  евра се реализираше со ЕУ. Напладне, прилепските ученици на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ ќе го формираат македонското знаме, а централната манифестација за празникот е в понеделник на 10 октомври од 18.30 на камената бина на плоштадот „Александрија“. Ќе настапат солисти од детскиот хор „Мали ангели“, а концерт ќе одржи воениот оркестар на АРМ“. Од 19.30 часот е импровизираниот напад на градот со богат огномет како потсетување на настаните од 11 октомври 41-та кога одредот „Гоце Делчев“ ја нападна тогашнаста полициска станица - Участакот, сега меморијален музеј „11 Октомври“ со што е означен почетокот на народното востание и НОБ, нагласи Ристески.
 
Во пресрет на празникот в понеделник од 20.30 часот во домот на културата „Марко Цепенков“ концерт ќе одржи ансамблот „Танец“, а во ликовната галерија ќе биде отворена изложбата на уметникот Васил Василев.
 
На 11 октомври, вторник изутрината почит ќе им биде оддадена на борците и истакнатите прилепски дејци од НОБ и револуцијата. Свежи цвеќиња ќе бидат положени на Могилата на непобедените во Паркот на револуцијата каде се моштите на 650 те борци што ги дал Прилеп, во алејата на хероите и пред спомениците во центарот на градот на идеологот на народната револуција Кузман Јосифоски-Питу и на првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто. На булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде изложбата на воена опрема и оружје, а на другиот крај на булеварот е и изложбата на автомобили и олд-тајмери. Пред Градскиот саат ќе биде отворена изложбата на ракотворби и на килими.
 
- Со бројните настани во чест на празникот Прилеп ја праќа пораката дека е горд на улогата што градот и неговите жители ја имаат во почетокот и низ целото Народно востание од 1941-44 година, со почит за големите жртви што ги дал за слободна, независна и суверена македонска држава, рече градоначалникот Марјан Ристески на денешната прес-конференција најавувајќи ги чествувањата за 11 Октомври.