Македонија
22. December 2015 - 13:04

Во полициска акција „Геодет“ уапсени 19 лица

Финансиската полиција во акцијата „Геодет“ уапси 19 лица, од кои девет сегашни двајца поранешни вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, спственик на приватна геодетска фирма од Скопје и седум лица кои незаконски се стекнале со недвижен имот.

Како што информираат од Финансиската полиција, на товар на уапсените им се ставаат повеќе кривични дела и тоа „Злоупотреба на службената положба и овластување“ „Соизвршителство“, „Примање поткуп“, „Поднесување лажни докази“ и „Помагање“.

Оперативната обработка „Геодет“, Финансиската полиција ја отвори како резултат на официјалната пријава од Агенцијата за катастар на недвижности чиј што Сектор за внатрешна контрола при редовните контроли во Центарот за катастар на недвижности во Скопје детектирал поголем број предмети кои од страна на службените лица не се постапени согласно Законот за катастар на недвижности и подзаконските акти донесени согласно овој закон.

Финансиската полиција утврди дека главен организатор на криминалот е Т.Б (33) до скоро вработена како дипломиран правник во скопскиот катастар, а во шемата биле вклучени и шалтерски работници, поголем број геодети и тројца раководители. Шемата била идентична кај речиси сите предмети и со мали исклучоци се одвивала на два начина. Првиот начин за криминално запишување права на недвижности бил преку поднесување фиктивни пријави за запишување со фалсификувани документи или без никакви документи од страна на лицата на кои требало да им биде запишан определен имот на шалтер во скопкиот катастар кај однапред договорен шалтерски работник од каде потоа од страна на еден од осомничените раководители и бил доделуван на првоосомничената Т.Б.

Вториот начин кој им бил полесен за спроведување и е почесто користен е начинот каде еден од осомничените раководители искористувајќи ја својата службена положба и овластување, отварал службен предмет за наводна исправка на некоја техничка грешка во катастарот на недвижности и потоа спротивно на процедурите за постапување во Агенцијата за катастар на недвижности, предметот наместо на геодет директно и го доделувал за работа на пријавената правничка Т.Б која крајно носела одлука што ќе биде запишано во катастарската евиденција.

Ваквата криминална шема групата ја започнала од крајот на 2014 година и траела се до средината на 2015 година кога се и откриени.

За неколку месечното функционирање групата успеала десетици катастарски парцели со вкупна површина од 139.281м2, во поширокиот реон на град Скопје, сопственост на Република Македонија да ги запише на физички лица. Како основ за извршеното запишување во електронскиот катастар наведувале измислени пресуди и решенија за приватизација, наводни договори со државата кои никогаш не се склучени и секакви други документи кои во моментот ќе им паднеле на памет. Сите наводни документи(правни основи) кои се наведени како правен основ се проверени од страна на Финансиската полиција и за сите без исклучок е потврдено дека се или измислени или фалсификат.

Потоа десетици катастарски парцели во скопско со вкупна површина од 174.184м2, сопственост на физички лица без нивно знаење, повторно со измислени правни основи биле пренесени во сопственост на други физички лица за одреден паричен надоместок.

На скопско Водно, првопријавената Т.Б потпомогната од пријавениот шалтерски работник, геодет од скопскиот катастар, раководител на одделение и сопственикот на приватната геодетска фирма Снелиус Инженеринг, запишала зграда која е изградена во спротивност од издадената градежно-техничка документација и без технички прием. во соопштението наведуваат дека за оваа успешно завршена работа постои сомнение дека сопственикот на приватната геодетска фирма си заработил еден помал стан во истата зграда по багателна цена. Со цел да го затскријат криминалот и да се оправдаат пред Секторот за внатрешна контрола и пред Финансиската полиција, инволвирните го присилиле надзорниот инженер откако веќе зградата била запишана во катастарската евиденција да изготви каков-таков технички прием иако биле свесни дека согласно закон тоа е невозможно. Изготвениот невистинит технички прием дополнително е приложен кон списите во предметот од страна на приватниот геодет.

Групата, исто така, успеала времена барака во Бутел со површина од 119 м2 да ја запише како деловен простор од траен карактер, иако лицето кое е запишано како носител на правото на сопственост безброј пати претходно неуспешно се обидувало со несоодветната документација која ја поседувало да изврши упис во катастарот но сите обиди останале без успех бидејќи правната служба увидела дека се работи за времен објект кој треба да биде отстранет, а не запишан во катастарот на недвижности. Сепак овојат за определен паричен надоместок успеал во својата намера и ја убедил првоосомничената да му запише право на сопственост на објектот.

Во населбата Сарај, иако со решение за легализација општината на едно од осомничените физички лица му легализирала вкупно 241м2 деловен простор, пријавените вработени во Центарот за катастар на недвижности во Скопје му запишале без никаков правен основ 719м2 деловен простор или вкупно 478м2 повеќе од потребното.

Вршени се промени на катастарската култура на земјиште, па наместо вистинската култура на земјиштето, без никаков правен основ и без увид од надлежен агроном земјиштето било запишувано со култура „шума“ со цел да им се овозможи на сопствениците да имаат потекло на дрвата кои ги краделе од селската корија и за кои кражби веќе заработиле кривични пријави од МВР.

Во селото Морани со фалсификувана Потврда наводно издадена од градоначалникот на општина Студеничани извршена е пренамена на 44 м2 станбен простор во деловен простор без соодветна градежно-техничка документација, запишано е право на сопственост на дивоградба во Мирковци благодарение на геодетскиот елаборат со невистинита содржина изработен од приватната геодетска фирма Снелиус Инжинеринг од Скопје. Во индустриската зона Злокуќани без правен основ се запишани 1445 м2 деловен простор на физичкото лице А.Х од Скопје за кое во текот на истрагата Финансиската полиција утврди и дека земјиштето на кое незаконски му се запишани деловните простории, а е со површина од над 9.000 м2 е стекнато врз основа на фалсификувана пресуда и фалсификувано решение за приватизација. Според проценката од надлежните институции овие недвижности чинат повеќе од 1.500.000 евра. Четвртина идеален дел од деловен простор во старата скопска чаршија сопственост на Република Македонија без никаков правен основ со службено отворен предмет од страна на првопријавената е запишан во сопственост на физичкото лице кое е корисник на локалот. Огромен ресторан за организирање на свадби во скопски Чаир со помош на неисправен геодетски елаборат од приватната геодетска фирма Снелиус Инженеринг е запишан во катастарската евиденција и покрај фактот што објектот нема соодветна градежно-техничка документација.

- Со цел на корисникот да му овозможи добивање лиценца за отворање на кладилница во Чаир, првопријавената Т.Б извршила измена во намената на просторот кој бил запишан во катастарската евиденција и од станбен простор го пренаменила во деловен иако била свесна дека за тоа нема соодветна документација. Истрагата покажа дека физичкото лице кое е запишано како носител на право на сопственост на деловен простор уште пред неколку години ги срушил старите објекти кои биле легални и на истото место изградил еден нов, поголем објект кој е дивоградба и за која во моментот се води постапка за легализација.

Во Индустриската зона Злокуќани 5 времени објекти со вкупна површина од 731 м2 од страна на пријавените вработени во Скопскиот катастар, без никаков правен основ се запишани како деловни објекти на две лица од Скопје.

Според Финансиската полиција еден од најголемите криминални случаеви откриени во текот на истрагата  е извршената измена во катастарската евиденција на носителот на право на сопственост на една бензиска пумпа на автопатот Скопје-Тетово и покрај изречената времена мерка од Основниот суд Скопје 2-Скопје за „забрана за оттуѓување и располагање“. Пријавените вработени во Центарот за катастар на недвижности со иницијали Т.Б и М.К иако биле свесни дека предметната недвижност била оптоварена со времена мерка издадена од надлежен суд со цел наплата на побарување од фирмата која ја градела бензиската пумпа, примиле парични средства од еден од сопствениците на фирмата должник по што искористувајќи го невниманието на други вработени во Центарот за катастар на недвижности злоупотребиле туѓ компјутер и со неговиот токен за работа извршиле измена во носителот на правото на сопственост на бензиската пумпа со што директно ја оштетиле фирмата градител на бензиската за сума од над 500.000 евра. Двајцата осомничени за овој случај со цел да го затскријат фактот дека тие стојат зад измената во катастарската евиденција, планот го реализирале во период кога првопријавената Т.Б имала решение за користење годишен одмор, а на работното место влегла искористувајќи службена картица за влез-излез од друг колега, факт кој е потврден од видеонадзорот на Центарот за катастар на недвижности.

По наредба на судија на претходна постапка кај двајца од пријавените кои се обвинети за примање поткуп извршен е претрес во нивните домови при што кај првоосомничената се пронајдени дел од документи кои се однесуваат на криминлано запишаните недвижности заради што овие докази ќе бидат приклучени кон кривичната пријава.

Сите уапсени во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1-Скопје кој треба да одлучи дали пријавените ќе завршат во притвор или ќе се бранат од слобода.