Македонија
8. March 2021 - 21:13

Во пандемијата раст на цените на лековите и медицинските услуги

Во време на пандемија поскапуваат лековите и медицинските услуги во земјава. Државната статистика бележи раст на речиси сите производи и услуги поврзани со здравјето на луѓето.
Податоците за февруари годинава, споредено со истиот месец лани, токму пред почетокот на пандемијата, покажуваат дека фармацевтските производи поскапеле за 3,3%, а на медицинските и парамедицински услуги за 4,2%. Нема промена единствено кај цените на болничките услуги.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, кои ја пресметуваат синдикалната кошница, велат дека трошоците само за витамини за болните од Ковид-19 чинат околу 100 евра.

Но, растат и другите трошоци на живот. За една година храната поскапела за 2%. Тоа се забележува кај лебот и житата, овошјето, зеленчукот и најмногу кај маслата, чија цена се покачила за дури 14%. Повеќе чинат и домувањето и комуналиите.

На едно просечно четиричлено семејство потребни му се 33.700 денари за да го преживее месецот.

Најголем раст на цени има во туризмот и угостителството, како едни од најпогодените сектори. И тоа, туристичките пакет аранжмани се поскапи за речиси 15%, а сместувањето за 26%.