Македонија
12. May 2016 - 11:57

Во официјалната конкуренција на ДАФ -11 претстави од Македонија и странство

Годинашното издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани ќе се одржи од 23 до 28 мај, а претставите учесници на фестивалот ќе бидат прикажувани на сцената на Националната установа - Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани.

- За учество на годинашниот ДАФ се пријавија 28 ансамбли и аматерски драмски групи од повеќе градови на Македонија, како и аматерски групи од Словенија, Србија и Црна Гора. Селекторот на ДАФ драматургот Дарко Спасов се определи за 11 престави кои ќе учествуваат во трите категории на престави за деца, аматерски  и алтернативни престави, изјави Благој Пенов, извршен директор на ДАФ.
 
За учество на фестивалот селекторот Спасов ги избра Аматерската драмска група од Центарот за култура од Кочани со преставата „Просидба“, Драмската група од Гимназијата во Велес  со „Дома“, Драмското студио од Богданци со преставата „Без пари или не плаќам“, Детското драмско студио од Охрид со „Мачка со шапка“, Драмската секција од Гимназијата од Куманово со претставата „Рибарски караници“, Драмското студио од Гимназијата во Охрид со „Нора“ и Младинската сцена од Битола со „Слугинки“.
 
Од странство на фестивалот ќе учествуваат Драмската група од Иванчна Горица - Словенија, Колашинскиот аматерски театар од Колашин-Црна Гора, Аматерскиот театар од Врање и Драмското студио при домот на културата од Прибој - Србија.
 
Извршниот директор на ДАФ Благој Пенов информираше и за составот на жири комисијата која ќе ги вреднува преставите, а ќе ја сочинуваат: Здрако Митков, универзитетски професор, Јанка Левкова, драмски уметник и Благојчо Стојанов исто така драмски уметник.
 
На затворањето на 52-от ДАФ во Кочани ќе настапат студентите од втора година на факултетот за драмски уметности од Скопје во класата на професор Зоја Бузалкова, со  преставата „Пак сестри“ по текст на Чехов.