Балкан
3. јуни 2022 - 18:43

Во Косово запленети 800 килограми тутун шверцуван од Македонија

Полицијата на Косово запрела денеска во селото Долно Рамјане кај Витина, во близина на границата со Северна Македонија, возило комби со локални регистарски таблички, во кое пронашла и запленила околу 800 килограми тутун, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според наводите на полицијата, нејзините службеници за време на патролирање долж границата го забележале, го следеле, а подоцна и го запреле комбито кое се движело од селото Танушевци во Северна Македонија во правец на Витина.

И покрај обидот да ја избегне полициската патрола, полицијата успеала да го запре возилото во селото Долно Рамјане.

При претресот на возилото, кое го управувало 43-годишниот С. И., косовски државјанин, пронајдени се околу 800 килограми суров тутун, спакуван во 36 пакети, за кои полицијата се сомнева дека е шверцуван.

Случајот го водат полициски службеници во соработка со јавен обвинител, а возилото и пронајдената стока ќе бидат предадени на косовските царини.