Балкан
22. February 2021 - 21:23

Во Грција досега спроведени 725.000 вакцинации

Денеска, беа спроведени над 30.000 вакцинации, а вкупно, од првиот ден надминавме 725.000 вакцинации и Грција се наоѓа на четвртото место по дневниот број вакцинации во изминатите седмици во однос на другите земји од Европската Унија, рече генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на денешната редовна прес конференција за процесот на имунизацијата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Темистоклеус истакна дека постои нагорен тренд во закажувањата термини за вакцинација на граѓаните и веќе се регистрирани нешто помалку од еден и пол милион термини, од кои 600.00 се за првата, а останатите за втората доза.

Во однос на вакцините за Грција, рече дека денеска добиле 112.000 дози од Фајзер,а минатата седмица пристигнале 24.000 од Модерна и 90.000 од АстраЗенека.