Македонија
19. January 2016 - 14:12

Во Ѓорче Петров крстот се фрлаше и во Лепенец и Вардар

Убавото сончево време беше причина повеќе по повод Богојавление (Водици) илјадници верници да ги проследат и двете церемонии кои традиционално се одржуваат во општина Ѓорче Петров. Како и во изминативе години крстот се фрлаше на две локации. 
 
Првата локација беше на  реката Лепенец во Волково, а церемонијата за полагање на крстот во водите на реката започна во 11 часот. Од шеснаесетте учесници кои се фрлија по светиот крст до крстот најбрзо стигна Сашо Радушин од с. Волково кој по трет пат го фаќа крстот. Годинешниот кум, претставникот од претпријатието Флораскоп и градоначалникот на општината Сокол Митровски на 26 годишниот Радушин му подари плазма телевизор и други пригодни подароци.
 
Како и во изминативе пет години така и годинава двете црковни општини при храмовите Св Петар и Павле од Ѓорче Петров и Св Пантелејмон од Нерези, општина Карпош, заеднички го прославуваа овој голем христијански празник на железниот мост на реката Вардар  во населбата Хром. На овој настан во водите на Вардар се фрлија преку шеесетина учесници.
 
Осумнаесетгодишниот Петар Пецевски од населбата Влае, по втор пат најбрзо стигна до светиот крст. Пецевски доби пригодни подароци од председателот на Македонското Собрание Трајко Вељановски, заменик министерот за труд и социјала Диме Спасов и од градоначалникот на општината Ѓорче Петров градоначалникот Митровски. Бреговите на реката Вардар оваа година беа преполни со посетители.
 
По слободна проценка годинава беше надмината бројката од 3000 посетители додека на Лепенец имаше околу илјада верници од Волково и другите населби кои гравитираат во овој дел од општината Ѓорче Петров.