Бизнис
20. July 2020 - 10:25

Во ЕУ 29, а кај нас 57 проценти од луѓето не можат да си дозволат годишен одмор

Околу 29 проценти од жителите на земјите членки на ЕУ на возраст над 16 години не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом во 2019 година, покажуваат податоците на Евростат.

Кај нас во 2018 година, за кога последно има податоци на Евростат, 57,5 проценти од жителите не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор. Овој процент е намален за 16 процетни во однос на 2010 година, кога 74,2 проценти од граѓаните не можеле да си дозволат еднонеделен одмор.

Во Европа, исто така, овој процент од 2010 година полека се намалува, кога 39 отсто од Европејците не можеле да си дозволат одмор.

Меѓу земјите членки на ЕУ Романија има највисок процент – 54 отсто од жителите не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор минатата година, по што следат жителите на Грција – 49 процетни, Хрватска – 48, Кипар – 45 и Италија – 44 проценти.

На другиот крај од скалата, само 10 проценти од жителите на Шведска не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор, по што следат Данска и Луксембург – 11 отсто, Финска – 12, Германија и Австрија – по 13 проценти.

Споредено со 2010 година, процентот на луѓе кои не може да си дозволат еднонеделен одмор надвор од својот дома секоја година бележи намалување во сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Италија и Грција, каде е регистрирано зголемување од 4 и 3 проценти. Најголемо намалување е регистрирнао во Летонија – 35 проценти, Малта – 30 проценти, Бугарија и Полска по 27 проценти.