Македонија
20. November 2015 - 11:03

Во Центарот за култура во Крива Паланка изведена претставата „Сомнително лице“

Драмската работилница на културно-уметничкото друштво  „Ѓоко Симоновски“ при Здружението на пензионери „Куманово“  синоќа во Националната установа „Центар за култура“ од Крива Паланка ја изведе претставата „Соминително лице“од Бранислав Нушиќ.

 
- Претставата е поставена по повод 150 годишнината од раѓањето на големиот српски комедиограф, сатиричар, критичар, новинар и дипломат Бранислав Нушиќ, а истата е изведена десет пати досега, на фестивали и во центри  за култура во земјава, но и надвор од границите на државата, изјави режисерот на претставата, Лазар Ѓорѓевиќ.
 
На сцената пред Кривопаланчани се претставија 19 актери-аматери, пензионери, од кои „најмладиот“ е на 67-годишна возраст, а највозрасниот има 83 години.
 
- Воодушевувачки е да се работи со пенионерите, сите се во одлична ментална кондиција и многу сериозно и одговорно им пристапуваат на  досегашните активности. Оваа  драмска работилница постои осум години и е единствена на  Балканот составена од ваква возрасна категорија лица, рече Ѓорѓевиќ.
 
Новко Петрушевски, пензионер-актер , носител на главниот лик, Јеротие Пантиќ, рече дека со учеството во оваа драмска работилница успеал да ја оствари желбата од младешките години , да биде актер и во сите досегашни претстави тој го глумел главниот лик, а понекогаш, како што рече, и со над еден час активно глумење на сцената.
 
По изведбата на „Сомнително лице“ во Крива Паланка, членовите од драмската работилница на КУД  „Ѓоко Симоновски“ при Здружението на пензионери „Куманово“, до крајот на годината  ќе настапат во Свети Николе и Скопје.