Македонија
16. August 2022 - 16:35

Во Бугарија задоволство - Македонија конечно ги признала историските вистини

Бугарските историчари триумфално прогласија победа за бугарската историска наука откако вчера историската комисија ги објави препораките за заедничко чествување на личности и измени во учебниците во основното образование.
Бугарскиот Национален круг „За Македонија“ во кој членуваат истакнати бугарски историчари и лингвисти констатираше дека Македонија конечно ја признала како што тие велат историската вистина.

„Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со Северна Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро. Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ“, се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“.

И бугарските медиуми кои во моментов се окупирано со предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на почетокот на октомври оваа информација ја пренесоа со доза на триумфализам. Историската комисија призна дека Самоил бил владетел на бугарско царство пренесоа најпопуларните медиуми кај источниот сосед меѓу кои и државната БНТ.

Вчера, бугарското Министерство за надворешни работи преку соопштение ја охрабри заедничката Комисија за историски и образовни прашања поинтензивно да продолжи со напорите заблагодарувајќи им се за досегашната работа.