Македонија
21. October 2020 - 12:38

Во близина на Струмица откриена праисториска населба стара 8000 години

Во близина на струмичкото село Костурино откриена една од најстарите праисториски населби во Македонија, но и поширокиот регион. Населбата е стара околу 8000 години и датира од периодот на раниот неолит. Нејзината површина зафаќа неколку хектари, а според добиените наоди најверојатно страдала во некаков конфликт. Според археолозите, се работи за многу значајно откритие со кое некои дилеми поврзани со периодот на неолитот на централен Балкан, но и во Европа стануваат многу појасни.

„Се работи за локалитет кој што егзистирал околу 6000 та година пред нашата ера. Населбата се наоѓа на млао возвишение. Била кружно организирана, а во центарот  податоците сега покажуваат дека најверојатно се наоѓала стоката. Локалитетот е посебен по тоа што претставува една од главните алки во неолитизацијата на централниот  Балкан, од оној анадолско балкански комплекс. Правецот на неолитизацијата на централниот Балкан до сега се претпоставуваше на одредени позиции, меѓутоа овој објект е еден од главните пунктови на овој правец“, вели Зоран Рујак - археолог.

За директорот на струмичкиот завод и музеј ова откриетие е посебно важно бидејќи со него сознанијата за историјата во овој регион стануваат  побогати за уште 500 до 600 години наназад.

„Тоа значи ако до пред две три години ние зборувавме за традиција на живеење, за организирање на животот стара 7000 години во регионот, сега можеме тајмерот да го  вратиме за уште 500 до 600 години, што секако во понатамошните истражувања ќе даде други резултати и други откритија“, вели Ацо Манински - директор на завод и музеј Струмица.

Пред две години на истиот локалитет беше откриен сличен објект, но тој датира од периодот на средниот неолит.