Македонија
18. July 2017 - 10:18

ВМРО-ДПМНЕ: Со ребалансот на Буџетот поголемо задолжување на државата за 150 милиони евра

ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение наведува дека СДСМ, министерот за финансии Драган Тевдовски и премиерот Зоран Заев иако со месеци наназад зборувале за нивната загриженост дека Македонија е презадолжена, сега откако се на власт предлагаат ребаланс на Буџет со поголемо задолжување на државата до крајот на годината за 150 милиони евра.

- Уште во првиот месец откако дојдоа на власт ја задолжија државата со 60 милиони евра. Во ставката домашно задолжување Владата на СДС планира наместо 17,8 милијарди денари да се задолжи за 20,7 милијарди денари. Тоа се нови 48,3 милиони евра долг кон домашните доверители. Во ставката задолжување кон странство Владата на СДС планира наместо 12,3 милијарди денари, да ги задолжи граѓаните со 18,4 милијарди денари. Со ова планираат да не задолжат дополнителни 100 милиони евра повеќе кон странски доверители, се вели во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ветувале дека нема да се задолжуваат, а сега со ребалансот најавиле дека за само пет месеци ќе го зголемат планираното задолжување за речиси 150 милиони евра.

Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат зошто државата се задолжува со толкава сума и каде СДС ќе ја потроши, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.