Македонија
27. May 2017 - 10:41

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ најави блокада на отпочнатите проекти

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение истакнува дека партијата континуирано создава и придонесува во интерес на сите граѓани, додека, како што е наведено, СДС продолжува да се занимава со интриги, шпекулации и деструкција.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава, во изминатиов период работи на реализација на низа капитални инвестиции и проекти, а СДС единствено што смисли и најави е блокада на отпочнатите проекти.

- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминативе години голем акцент стави на здравството и здравствената заштита на граѓаните, инвестирајќи во нови медицински објекти, апарати и обучување на кадарот. По иницијатива на претседателот Никола Груевски го изгради ПЕТ центарот - центар за рана дијагностика и лекување малигни заболувања, инвестиција вредна 16 милиони евра и претставува единствен таков објект на потегот помеѓу Виена и Атина, се наведува во соопштението.

Од партијата додаваат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ изгради голем број нови објекти за потребите на јавните и државните институции и со тоа спречи милионски одливи од државната каса на име закупнина за објекти и деловен простор, меѓу кои и новата зграда на АД ЕЛЕМ, каде ќе бидат сместени дополнителни шест регулаторни тела на простор од  10.000 метри квадратни.

- Додека ВМРО-ДПМНЕ работи за подобра иднина на сите, партнерите на Заев се пазарат колкав дел од тиранската платформа да се реализира, а колкав да остане во следната фаза. Граѓаните знаат што е подобро за нив и за нивната иднина, затоа и ВМРО-ДПМНЕ победи на последните избори, а СДС по 11-ти пат загуби. Граѓаните не сакаат лаги и манипулации. СДС наместо да се служи со измами, во најбрз можен рок да овозможи редовни локални и предвремени парламентарни избори, на кои ќе го слушнат гласот на граѓаните и нивниот одговор за целата деструкција која во изминатиов период ја посеаја во Република Македонија, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.