Македонија
2. јуни 2017 - 19:06

ВМРО-ДПМНЕ: СДС почна да се пресметува со медиумите

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Владата на СДСМ почнала да се пресметува со медиумите кои лидерот на партијата Зоран Заев ги прогласи за најголеми непријатели. 

- Тиранијата и притисокот врз медиумите е еден од првите чекори на антиреформската влада на Зоран Заев. Заев и СДС со притисокот кон медуимите сакаат да ги понижат и да ги натераат да станат нивни вазали, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Медиумите кои искажале некаква критика кон Заев, СДС и нивните експоненти во минатото сега, според ВМРО-ДПМНЕ, се приморани јавно да им се извинуваат.

- Ова е јасен почеток на еден недемократски режим и диктатура врз сите неистомисленици на Заев и СДС. СДС со својот тирански однос и притисоци ги прави медиумите да наликуваат на оние во Северна Кореја, велат од партијата.

Ова, како што посочуваат, не е слобода, туку тиранија врз медиумите.

- Заев ветуваше дека ќе поттикнува критички медиуми, но на првиот ден од неговиот избор докажа дека едно зборува, а друго прави. Очигледно е дека Заев решил овие медиуми да ги понижи и да ги фрли на колена, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

ВМРО-ДПМНЕ ги повика медиумите да не потклекнуваат на притисоците и да продолжат професионално и чесно да си ја вршат својата работа.