Македонија
2. October 2022 - 16:32

ВМРО-ДПМНЕ објави афера „Броило“ за бизнисот со фотоволтаици, СДСМ тврди дека лажат

Афера Броило е новиот скандал каде е вмешан премиерот Ковачевски, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во 2018та Ковачевски и неговиот кум Паунов основале фирма „Пиксел гроуп“ за произодство на соларни панели во Кочани. Фирмата, според опозицијата, станува централна во бизнисот и успеала да сврти 26 милиони евра. Од нив, само од државни тендери инкасирале 1,8 милиони евра. Кога Ковачевски станува заменик министер за финансии во 2020та, неговиот кум склучува договор со ЕВН за испорака на фотоволтични панели, вредни над 2 милиони евра.

Пред месец и половина, „Пиксел груп“ инвестира во индустриската зона во Тетово 54 милиони евра. Покрај даночни и царински ослободувања, ќе добие и државна помош.

- Фирмата е регистрирана под името АЕ Солар АД Тетово, како заедничка на Пиксел груп која поседува 40%, и 60% поседува фирма од Бугарија. Горанчо Паунов, кумот на премиерот Димитар Ковачевски веќе е поставен како еден од двајцата извршни директори на АЕ Солар АД Тетово. Инвестицијата на Пиксел груп треба да биде 21.6 милиони евра, соодветно на процентот на учество. Со тоа, Ковачевски како премиер, ќе му потпише договор за државна помош, на кумот Горанчо Паунов како извршен директор на фирмата, во која 40% од сопственоста е на Пиксел груп, основана заедно со Ковачевски!, изјави Лефков, ВМРО ДПМНЕ.

Опозицијата прашува дали соларните панели произведени во фабриката во Тетово ќе завршат во ТЕЦ Осломеј, каква е улогата на Ковачевски, кој се јавува како основач на фирмата. И дали ќе го монополизира пазарот за производство на фотоволтаични панели.

Премерот Ковачевски повеќе не е дел од сопственичката структура, ниту пак е сопстевник, одговорија од СДСМ.

- Уште на ден 28.09.2020 г Димитар Ковачевски во целост го повлече износот на финансиските средства вложени за обезбедување на почетната ликвидност на компанијатa.  Тоа е јавно соопштено, за да може целосно да се посвети на функцијата којашто тогаш ја извршуваше, земеник министер за финансии. Сето ова може да види и во Анкетниот лист на премиерот. Очајно е ВМРО-ДПМНЕ, го напаѓа претседателот Ковачевски затоа што е чесен и затоа што работи за граѓаните додека Мицкоски се кара за тендери и провизии. Фатени со рацете во медот за тендер од 136 милиони евра ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Мицкоски продолжуваат со фабрикување лаги и невистини за претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Според СДСМ, станува збор за фабрикувана манипулација, бидејќи државната помош добиваат сите компании кои ги исполнуваат условите за тоа.