Македонија
14. November 2018 - 17:40

ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски ниту знаел, ниту учествувал во некаков план за бегство на Груевски

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите и манипулациите искажани од устата на портпаролот на единствениот политичар три пати аболициран за тежок криминал, Зоран Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ниту знаел, ниту учествувал во некаков план со кој што му е овозможено на Никола Груевски да избега од Македонија.

Аболицираниот Зоран Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски завчера точно знаеја дека Никола Груевски не е во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Знаеја, но одлучија политички да ја злоупотребат полицијата и институциите, да запираат легитимираат и претресуваат членови и активисти на партијата со намера да ги заплашат.

СДСМ и аболицираниот Зоран Заев и Оливер Спасовски го допреа дното.

Двајцата мора да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирањето на институциите и разорувањето на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со заминувањето на Никола Груевски, тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон. И тоа се покажа, притворањето на дел од овие лица е дефокусирање од неспособноста на Заев и министерот за прогон и терор, Спасовски. Нивното притворање е политичка казна, а не правна санкција кон луѓе кои редовно и ревносно ги исполнуваа обврските кон судот.

Ишкањето на мувата од капите на Заев и Спасовски не и помага на Македонија и на правниот систем. Двајцата како лидери на криминалниот картел на власт мора да си заминат што поскоро.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ