Бизнис
1. April 2020 - 17:44

ВМРО-ДПМНЕ: Економските мерки на владата се недоречени, конфузни и задоцнети

Задоцнети, недоречени и конфузни се економсите мерки кои вчера ги претстави Владата, вели пораншениот министер за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Славески.

Според него, не е јасно кои и колку компании ќе бидат опфатени, а владиниот тим не излегол ниту со пресметки за мерките.

Проценките на партијата се оти мерката за државна помош до 14.500 денари по вработен ќе опфати многу мал број на граѓани и претпријатија.

-Не постои граѓанин или претрпијатие во Македонија на кои им е јасно дали кога и на кој начин ќе бидат потпомогнати од мерките на Владата. Истата нема да може да ја користат фирмите и вработените во најпогодените сектори каде помошта на државата е најпотребна. Тоа се дејносите на сервисни услуги со храна и сместување, секторот угостителство и туризам каде според последните податоци на ДЗС се ангажирани околу 33.000 вработени, кон ова треба да се придодадат вработените од трговијата кои во моментот не работат, рече Славески.

Сепак, Славески вели  дека дел од мерките на Владата се прифатливи, но треба сите мерки да се прифатливи за најголемиот број на граѓани и фирми.

Според ВМРО-ДПМНЕ, половина од домаќинствата немаат пари за да ги покријат трошоците, а малите и средни компании немаат ликвидни средства и им се заканува клуч на вратата. Затоа партијата предлага субвенционирање на платите кај погодените сектори од 50 отсто од бруто или 70 до 80 проценти нето уште со мартовската плата.

-Владата да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ изнесен на неколку претходни прес-конфренции за пренасочување на делот од од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување што се одвојува од оние кои се членови на некои од трите постојни друштва за капитално финансирано пензиско осигурување, односно приватните пензиски фондови. Пренасочување на овие средства во државниот фонд од кој во момонетот се исплаќаат пензиите на речиси сите корисници на пензија во Македонија, рече Славески.

Во меѓувреме реагираа од Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Од МАПАС велат дека задолжителните пензиски фондови се во сопственост на членовите на пензиските фондови.

-Средствата се евидентирани на индивидуални сметки во пензиските фондови и тие претставуваат личен имот на членот. Секоја интервенција врз средствата на членовите е исто како интервенција во штедна сметка во банка, удел во инвестициски фонд и слично. Секоја интервенција на уплатата на придонесите на индивидуалните сметки го загрозува износот на пензијата на идните пензионери, велат од МАПАС.

Појаснуваат дека вториот столб е креиран за во иднина да се намали фискалниот товар на државата при исплата на пензиите. Во моментот во овие фондови членуваат над 500.000 луѓе.