Македонија
6. August 2022 - 16:30

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерката за култура, СДСМ тврди дека ја поддржува слободата

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска да си поднесе оставка откако се откажа од сите историски филмови кои ги снимиле доајените на македонското платно и од сите сценарија напишани за македонскиот непокор и мака, бара опозициската ВМРО–ДПМНЕ. Остро реагираат дека насоките кои таа им ги дава на уметниците за да не се наштети на односите со Бугарија водат кон асимилација и тивка цензура на македонското творештво.

- Да го квалифицирате творештвото на Петре М Андреевски како мрачно, мора да не сте прочитале ниту една книга од него, да не се чувствувате како Македонец и да се срамите од вашата култура. Тие мрачни времиња кои што сега ги споменувате ги живееле нашите предци, за ние денеска да живееме во независна Република Македонија, која што вие како СДСМ и влада се обидувате да ја распродадете. Очигледно министерката за култура нема никаква врска ниту со творештво, ниту со дела, ниту пак со култура, вели Арсовски.

Од владејачката СДСМ пак во одбрана на Стојчевска велат дека ВМРО-ДПМНЕ се тие кои лустрирале уметници, изјавата на министерката була произволно толкувана. Проектите во културата биле доказ дека се поттикнувала слободата на уметниците.

- ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто лустрираше уметници, писатели како Славко Јаневски, а великанот Блаже Конески го нарекуваше „џуџето од Небрегово“. Станува збор за произволно толкување на нејзината изјава од страна на опозициската партија. Проектите во културата и тоа како ја поттикнуваат слободата на уметниците и тие дела и тие проекти зборуваат сами за себе, заклучи Кузеска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска предизвика револтво јавноста, но и кај уметниците кои директно се засегнати, откако јавно им посочи како треба да работат. Наместо за како што рече мрачното минато, да творат за теми кои ќе го расположат народот. Случувањата доаѓаат во период откако македонската влада преку потпишувањето на билатералниот протокол со Бугарија се обврза да ги санкционира сите кои преку своите дела ќе шират говор на омраза.